На иницијатива на Фатмир Бетиќи, вицепремиерот за економски прашања, Владата донесе одлука за возобновување на Националниот контакт центар, на кој преку бесплатната телефонска линија 0800 00 207, граѓаните во директна комуникација со операторите, професионалци од соодветните институции, ќе може да добијат информации за економските мерки кои ги носи Владата за справување со кризата предизвикана од ковид-19, информираат од Владата.
„Националниот контакт центар започна со полна оперативност од денес, а на повиците на граѓаните, секој работен ден од 8 до 16 часот, ќе одговараат лица вработени во Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Генералниот секретаријат на Владата, Управата за јавни приходи и Развојната банка на Република Северна Македонија“, соопштија од Владата.
Додаваат дека, Националниот контакт центар е воспоставен со заедничка соработка на Владата на РСМ и канцеларијата на Програмата за развој на ОН (УНДП) во Скопје, како и дека граѓаните може да се информираат за сите актуелни вести поврзани со ковид-19 и за економските и други мерки на Владата поврзани со справувањето и спречување на ширењето на коронавурусот, на веб-страницата koronavirus.gov.mk.