Донаторски настан од чии собрани средства ќе се опремуваат лаборатории, најавуваат студентските претставници на Технолошко-металуршкиот факултет и на Факултетот за земјоделски науки и храна. Под името „November Fest“, студентските собранија на овие два факултета со поддршка од Комисијата за наука и Универзитетското студентско собрание на УКИМ ќе организираат едночасовно онлајн дружење каде студентите ќе покажат практични и интересни примери од она што го изучуваат, а присутните ќе добијат информации како и каде ќе можат да донираат.
Настанот ќе се случи на 30 ноември и ќе се пренесува на социјалните мрежи, а организаторите најавуваат интересни перформанси од страна на студентите на ТМФ и ФЗНХ.
„И двата факултета се занимаваат со храна и сметавме дека треба да се презентира она што најдобро знаеме да го направиме или сме стекнале искуство за истото. Настанот ќе се пренесува во живо преку профилите на организаторите на нивните фејсбук страни, односно со live stream. Сите присутни на настанот ќе може да го следат молекуларниот перформанс на храна и пијалоци направен од страна на студените на ТМФ, како и презентација на традиционалните преработки подготвени од студентите на ФЗНХ“, велат организаторите за „Мета.мк“.
фото: November Fest
Од таму појаснуваат дека целта на настанот е да се обезбедат доволно средства кои би биле наменети за набавка на нова опрема за лабораториите на двата факултета, каде студентите ќе можат да го надополнуваат знаењето. Студентите велат дека Технолошко-металуршкиот факултет им одобрил простории за нова лабораторија, но сега имаат потреба од дополнителна опрема која не чини многу.
„Во новата сензорска лабораторија студентите ќе може да ги надоградуваат своите знаења во однос на сензорика на храната и ќе бидат панелисти во обработка на резултатите и анализите. Благодарност до Деканатот на ТМФ што ни одобри средства за пренамена на еден дел од факултетските простории, но, сепак потребни би ни биле апарати како мерач на сјај на храната, грометар, електричен нос, реометар, микроспор, микробранова печка, шпорет со рерна и сет за јадење и слично, кои не се воопшто со висока цена на чинење“, велат студентските претставници на ТМФ.
Тие додаваат дека факултетот во последните три години инвестирал многу во лабораториската инфраструктура.
„Целосно се реновираа лабораториите на катедрата за прехранбена и биотехнологија, каде ние работиме. Генерално добивме неколку нови апарати, со што ни се зголемија можностите за истражување и работа на ТМФ. Се надеваме дека во новата лабораторија нашата работа во полето на молекуларната гастрономија ќе продолжи и на едно повисоко ниво“, велат од ФСС на ТМФ.
Факултетот за земјоделски науки и храна, пак, средствата ќе ги намени за опремување на лабораторија за преработка на овошје и зеленчук. Со новата опрема се очекува олеснување на работата на студентите при традиционални преработки и преработката на алкохолни пијалоци.
Средствата од настанот ќе се собираат на посебни донаторски сметки на факултетите. Контактите за донација, како и сметките ќе бидат објавени на самиот настан и во поканите кои ќе бидат објавени на социјалните мрежи.
„Би биле многу благодарни кога сите наши пријатели и соработници би ни помогнале во собирање на донацијата“, додаваат организаторите.
Студентите велат дека при организацијата и опремувањето на лабораториите наидуваат на голема поддршка и од страна на Универзитетот.