Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Министри и претставници на петте држави од Дримскиот басен денеска на виртуелен начин потпишаа заедничката изјава со која ја одобрија Стратешката акциска програма (САП) за одржливо управување со поширокиот Дримски Басен со што се носи директна придобивка за 1,6 милиони жители во сливот. Споделен помеѓу Албанија, Грција, Косово, Црна Гора и Северна Македонија, басенот на реката Дрим дава водни ресурси за пиење, за производство на енергија, за рибарство и земјоделие, биодиверзитет, туризам и индустрија.
Одобрувањето на САП-от ја потврдува политичката волја помеѓу петте држави за заедничка прекугранична работа и испраќа силна порака дека подобреното управување со водните ресурси кои придонесуваат за подобро јавно здравје и живеење, останува приоритет и продолжува да биде цел на прекугранично ниво дури и во тешки времиња како што во моментов се соочуваме со COVID-19 пандемијата. Токму сегашната криза укажува на важноста на водата за одржување на хигиената и во регионот и глобално, се наведува во соопштението од Глобалното партнерство за води – Медитеран.
Денешното потпишување на акциската програма е чекор напред во имплеметацијата на заедничката визија за одржливо управување со басенот на реката Дрим, утврдено преку Дримскиот Меморандум.
Стратешката акциска програма се изработуваше повеќе од една година преку интензивен консултативен процес со вклученост на преку 200 заинтересирани, вклучувајќи ги тука и претставниците на релевантните министерства и технички експерти.
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија Јани Макрадули изјави дека една од научените лекции од пандемијата со Ковид-19 е дека е многу важно да се има добра прекугранина и регионална соработка.
-САП за Дримскиот басен има две различни поенти, еколошка, како важен чекор кон идното заедничко управување со Дримскиот Басен и втората силна политичка порака за регионалната соработка, рече Макрадули.
Тој, како што се наведува во соопштението, изрази благодарност за поддршката дадена од страна на донаторите, партнерите и од организациите кои го имплементираат Дримскиот процес (GEF, UNDP, UNECE, GWP-Med).
-Длабоко верувам дека САП-от ќе води и кон поддршка и на планираната донаторска конференција, но и кон продолжување на активностите преку нов проект за имплеметација на самата Стратешка акциска програма, рече Макрадули.
Константинос Аравосис, генерален секретар на Министерство за животна средина и енергија на Грција потенцира дека со оваа заедничката декларација, надлежните органи во земјите од Дримскиот Басен ценејќи ги позитивните резултати од активности кои се досега превземени, ја реафирмираат политичката волја за продолжување на соработката кон обезбедување на одржливо управување во поширокиот Дримски басен, согласно со принципите и легалната рамка на Европската Унија и останатите билатерални и мултилатерални договори на ниво на суб-басените.
-Истовремено, се реафирмира и волјата да се вкорпорираат меѓународните конвенции и протоколи прифатени од страните и да се препознае заштитата и конзервацијата на животната средина, како и одржливото управување со водните ресурси како интегрален дел од севкупниот развој на регионот преку координирани акции за санирање на идентификуваните проблеми, рече Аравосис.
Генералниот секретар во Министерство за инфраструктура и животна средина на Косово Изедин Бутиќи рече дека усвојувањето на САП-от, за нас значи многу важен чекор напред кон зајакнување на управувањето со споделените водни ресурси.
-Досегашната работа служи како силна база за утврдување на заедничките цели и задачи за да се зајакне соработката и за да се спроведат конкретни активности за подобрување на квалитетот на водите во согласност со принципите за интегрално управување со водните ресурси, рече Битиќи
Герта Љубоја, генерален директор на Агенција за управување со водни ресурси од Албанија истакна дека во време кога светот е затворен со цел победа над пандемијата со коронавирусот, никогаш не било поважно да се заштитат нашите водни ресурси.
-Во овие непредвидливи времиња, водата е најпотребното оружје за победа врз болестите и има улога на бариера за вирусот и улога на обезбедувач на пристојното живеење за милиони луѓе кои се затворени во своите домови. Ние ќе сториме се да останеме фокусирани на имплементацијата на САП-от за Дрим и и покрај се ќе останеме оптимисти и во овие тешки времиња, рече Љубоја.
Момчило Благојевиќ, генерален директор на директоратот за управување со води во Министерството за земјоделие и рурален развој на Црна Гора смета дека ова е многу значаен настан за зајакнување на регионалната соработка во Дримскиот Басен.
-Наше огромно задоволство е да ја промовираме заедничката активност за координирано управување со споделените водни ресурси во Дримскиот Басен. Оваа заедничка изјава дефинитивно ќе биде рамка за идната соработка во наредниот период со силна посветеност кон тоа да се обезбеди заштита на животната средина и подобро управување со нашите водни ресурси, рече Благојевиќ.
САП-от вклучува активности и мерки кои ги рефлектираат четирите прекугранични проблеми што предизвикуваат голем број негативни ефекти кон природата, општеството и економијата, како што се: загадувањето на водите, деградација на биодиверзитетот, пореметување на водниот режим и преносот на седиментите, со што САП-от е прв стратешки документ за споделените водни ресурси во регионот. Овие прекугранични проблеми беа идентификувани преку научната проценка на Дримскиот басен позната како Прекугранична дијагностичка анализа. Мерките вклучени во САП-от ќе им послужат на државите во имплементацијата на европските директиви за води и животна средина како што е Европската рамковна директива за води.
САП-от ќе обезбеди главна платформа за информации околу координираното управување со Дримскиот Басен во наредниот период. Приоритетот на државите сега е насочен кон идентификување на извори за финансирање на имплементацијата на меркиот од САП-от, за да се осигура и обезбеди одржливото управување на Дримскиот басен .
Изготвувањето на САП-от, кој што содржи преку 100 договорени законски и технички мерки, беше поддржано од страна на ГЕФ Дримскиот Проект ( Drin Project ), кој што беше дизајниран да го реализира Меморандумот за разбирање за одржливо управување со Дримскиот басен, потпишан во Тирана на 25 ноември 2011 година од страна на надлежните министри. Дрим Кор групата, заедничко тело создадено за да го координира спроведувањето на Меморандумот и Експертските работни групи целосно се оперативни, со застапеност на жените од 30% и 60% од членовите во телата. Дримскиот проект е имплементиран од страна на УНДП, а го извршува Глобалното партнерство за води – Медитеран (GWP-Med). Европската комисија на УН за Европа (УНЕЦЕ) е партнер низ овој процес.ев/са/