Струмица, 17 јуни 2020 (МИА) – Со делење маички и летоци, Отсекот за превенција при СВР-Струмица во координација со Полициската станица за безбедност на сообраќајот, а во партнерство со градоначалникот на Босилово, Зоран Зимбаков, реализираше превентивна активност против возење под дејство на алкохол насочена кон учесниците во сообраќајот на подрачјето на општина Босилово.
– Првпат во таквиот вид активности ни се придружува и совесен граѓанин, кој преку донација на маички со аплициран слоган „Никогаш не вози пијан“ сака да упати порака до сите учесници во сообраќајот да не управуваат моторни возила под дејство на алкохол, затоа што последиците од непочитувањето можат да бидат катастрофални. Во оваа прилика му искажуваме благодарност за неговата поддршка, рече началникот на СВР-Струмица, Васил Тодоров.
Беа поделени и флаери со содржина подготвена од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои содржат практични совети за возачите насловени „Биди одговорен возач, никогаш не вози пијан!!!“
Од полицијата апелираат до сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни возачи и да ги почитуваат сообраќајните знаци, правила и прописи, никогаш да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол и да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од Ковид-19. рт/мд/