Гевгелија,30 март 2020 (МИА) – Лицето од Гевгелија кај кое вчера беше потврдено присуство на коронавирусот е ставено во домашен карантин, заедно со членовите од семејството со кои живее. Ова е прв случај регистриран во Гевгелија, а епидемилогот Сашо Олумчев, од подрачната единица на Центарот за јавно здравје во овој град, вели дека веднаш е постапено согласно алгоритмот пропишан од СЗО за дефиниција на случај.
-Во моментот се врши епидемиолошко истражување со цел изнаоѓање на сите лица кои биле во близок контакт со заразеното лице. Направена е епидемиолошка анкета на лицето и членовите на потесното семејство со цел лоцирање на изворот на заразата, напиша Олумчев на својот ФБ профил.
Олумчев информира дека ќе се тестираат членовите на најблиското семејство и дека ќе се трага по лицата кои оствариле близок контакт со заразеното лице заради анализа од можните ризици за ширење на инфекцијата и преземање мерки за пресечување на сите можни синџири на заразата.
Покрај се,епидемиологот д-р Олумчев апелира до граѓаните на општина Гевгелија да останат смирени и да имаат доверба во системот. им/скс/