Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Педесет и седумгодишна жена од Куманово е првата жртва од коронавирусот во земјава. Надлежните институции посмртно дијагностицирале дека жената била заболена од коронавирус.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција изрази сочувство до семејството на починатата. Детално информираше за нејзиниот прием и лекувањето. Таа двапати била тестирана и двапати тестот бил негативен. Првпат во болница се јавила на 16 март годинава со зголемена температура, и бил извршен преглед, по што наредниот ден дошле заедно со синот со зголемена температура. И двајцата негирале евентуален контакт со заболен или патување во странство. На 17 и 18 март примале терапија, повторно немале кашлица и третман добивале во дневната болница.
-На 19 март со нешто потежок наод на белите дробови, со индикација за рендген снимка констатирана е пневмонија и двајцата се сместени во Одделот за изолација. Тогаш и кај мајката и кај синот се земаат брисеви, материјал за корона тест. На 19 и на 20 март во два наврати се направени анализи на материјалот. На 19 март на двајцата и тие се негативни. А на 20 март се повторува тестот на мајката со оглед на тоа што тоа стои во препораките на СЗО ако негативен тест е во комбинација со потешка клиничка слика која може да укажува на постоење на болест предизвикана од коронавирус и тој повторен тест е негативен. На 21 март состојбата се влошува, направени се обиди за реанимација, меѓутоа, за жал, тие се без успех по што пациетката починала, рече Филипче.
Со оглед на тоа што и компликацијата настанала нагло и нетипично за некоја друга болест, додаде тој, земен е посмртен уште еден материјал којшто е испитан и е тестот позитивен на коронавирусот. Во моментов се прави епидемиолошка анкета со сите здравствени работници и ќе се постапи согласно информациите, податоците, начинот на пристапувањето, дали тие ќе одат во изолација или евентуално ќе се направат соодветни тестирања.
Државата размислува за нови дополнителни мерки за превенција на ширењето на коронавирусот и заштита на најкритичните, наризичните групи граѓани. За нив денеска ќе дискутира Комисијата за заразни болести, која ќе ги достави до Централниот штаб, а по тоа и по потреба и до Владата.
– Станува збор за граѓаните над 65 години за кои сметаме дека и дополнително освен полицискиот час треба да им биде ограничено движењето преку ден, нормално со дозвола да се движат во раните утрински часови да се задоволат потребите, посета на аптеките и продавниците, но, не и преку останатиот дел од денот, како и за граѓани кои го шират вирусот, а се до 18 години и после дискусијата ќе ги соопштиме мерките, појасни Филипче.
Апелираше сите граѓани да ги почитуваат мерките, бидејќи како што рече, ништо не може да направат здравствените работници ако граѓаните не им помогнат.
-Никогаш досега како сега не ни била потребна помошта од сите граѓани, од сите жители на нашата држава, нам, на здравствените работници вкупно 23.000 на сите два милиони граѓани на нашата земја. Ние тоа сами нема да можеме да го направиме. Сите овие мерки ги носиме и апелираме да се почитуваат. Тоа е целта. Имаме зголемување на бројот на случаи и тоа е очекувано. Ќе се зголемува и понатаму. Мораме да ги почитуваме сите овие мерки за да ја спласнеме кривата на раст на заболени од коронавирусот. Тоа се случува насекаде во светот. Само таму каде што се почитуваат мерките имаме соодветен резултат, рече Филипче.
Им порача на граѓаните да ги почитуваат мерките што се носат бидејќи тие се согласно развојот на оваа болест во нашата земја. Сите се издржани и имаат медицинска оправданост зашто се воведуваат.
Во изминатите 24 часа во нашата земја беа регистрирани 29 нови случаи со коронавирус, со што вкупниот број на дијагностицирани пациенти изнесува 114 лица. мд/ев/