Утрински Весник
Македонија

Пратениците в сабота ќе гласаат за составот на новата Влада

Собранието ги верификуваше мандатите на сите 120 пратеници

Собраниската седница на која треба да се избере составот на новата Влада е закажана за оваа сабота со почеток во 11 часот, откако денеска мандаторот Зоран Заев го достави предлогот за новиот владин кабинет.

Неофицијално, досегашната вицепремиерка за економски прашања и поранешна министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска, се сели во ресорот образование, а во Министерството за труд на чело ќе дојде Јагода Шахпаска.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, во новата влада ќе биде министер без ресор задолжен за борба против корупцијата, а постои можност тој да биде и еден од вицепремиерите.

Со транспорт и врски ќе раководи Благој Бочварски, а на чело на Министерството за правда ќе застане Бојан Маричиќ.

Досегашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, ќе раководи со Секретаријатот за европски прашања, а Министерството за локална самоуправа ќе го води Горан Милевски. Нова министерка за култура ќе биде Ирена Стефоска. Ресорите одбрана и здравство ќе продолжат да ги водат Радмила Шекеринска и Венко Филипче. Оливер Спасовски се враќа на чело на МВР.

Како што соопшти лидерот на Беса, Билал Касами, оваа партија го добила ресорот земјоделство.

ДУИ во новата влада првпат ја добива челната позиција во Министерството за надворешни работи, кое ќе го води Бујар Османи. Артан Груби ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими е новиот министер за финансии, а Насер Нуредини ќе раководи со ресорот екологија. Крешник Бектеши останува министер за економија. ДУИ го добива и местото вицепремиер за економски прашања, на кое ќе биде назначен Фатмир Битиќи.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Министерството за економија ја „спакува“ новогодишната кошничка

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот