Ако ученик, за време на онлајн час се однесува вулгарно и недолично, односно дискриминира или користи непристојни зборови, вербално напаѓа и навредува соученици и наставник или пак, ако поттикнува електронско насилство и испраќа вознемирувачки коментари, ќе биде отстранет од часот и ќе добие неоправдан изостанок. Ова е наведено во Правилникот за однесување на наставниците и учениците за време на онлајн наставата, кој Министерството за образование и наука (МОН) неодамна им го испрати на училиштата, а наставниците на одделенските часови им го читаа на учениците за да ги запознаат со правилата.
Во документот стои дека наставниците и учениците мора да создадат атмосфера за учење, почит и соработка и дека треба да промовираат учечко – поучувачка ефективна комуникација, како и активно да учествуваат во виртуелната училница.
„Ако ученикот е отстранет поради некоја од овие причини, ќе биде евидентиран како неоправдано отсутен и против истиот може да биде поведена дисциплинска постапка“, стои во правилникот.
Часовите е забрането да се снимаат. Се препорачува сите камери на учениците да бидат вклучени, освен ако поради техники причини односно слаба Интернет-врска, наставникот не наложи поинаку.
„Микрофонот е потребно да биде исклучен, освен кога ученик одговара на прашање или не му е јасно нешто врзано за наставната материја. Се порепорачува одржување, следење на онлајн часовите на тивко место во домот, со оглед дека сите ученици на часот може да ги чујат позадинските звуци кај оној кој зборува (звук од телевизор, лаење на домашни миленици и слично)“, наведено е меѓудругото во правилата.
За време на наставата на далечина важат истите правила на однесување како во училница. Наставниците имаат обврска да водат детална евиденција за присуство, а забрането е на часот да се вклучуваат други ученици од училиштето или од друго училиште, со споделување на линкот од часот.
„Секое постапување спротивно на ова, може да резултира со поведување и изрекување на педагошки мерки во постапка утврдена со правилник за педагошки мерки“, пишува во документот.
Учениците не смеат да препишуваат, како и лажно да се претставуваат, со цел да стекнат предности во однос на другите ученици. Секое прекршување на авторските права се смета за лична одговорност на корисникот на платформата/учењето на далечина.
„Учениците се охрабруваат да напредуваат, да се грижат за себе и за другите. Наставниците се должни да се грижат за здравјето на учениците (оптовареност на видот и `рбетот на учениците). При работа со ИКТ уреди и во текот на наставата треба да превидат одмор за раздвижување, релаксација на видот и подобрување на циркулацијата“, наведено е во правилата за однесување при настава на далечина .