Скопје, 11 март 2020 (МИА) – Уставниот суд на денешната седница треба да ја разгледа иницијативата поднесена на Закон за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата.
Иницијативата е поднесена од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), која бара парламентарно и уставносудско преиспитување на оправданоста на одредени законски решенија за привилегиите на поранешните претседатели.
Антикорупциската комисија во септември минатата година побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост. Според Комисијата, просториите на поранешниот претседател се избрани во нетранспарентна постапка.
-Во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале или имаат, изјави тогаш претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, подвлекувајќи дека за десет години за трошоците на поранешните претседатели се потрошени повеќе од милион евра.
Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу тројца соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.
Законот предвидува и да учествува на државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата и претседателот на Уставниот суд.
Според Законот, парите се обезбедуваат од Буџетот. Во случај на смрт на претседателот за време на мандатот, пензијата намалена за 30 отсто ја користат неговиот брачен другар и неговите малолетни деца до завршување на редовното школување, односно до наполнети 26 години возраст. Исто така имаат право на месечен паричен надоместок кој е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот и ова право брачниот другар го користи трајно.
Од поранешните претседатели, Бранко Црвенковски има доживотна претседателска пензија и кабинет. Семејството на загинатиот претседател Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма и децата имаат други права предвидени со Законот.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски при стапувањето на функцијата најави дека по заминувањето од должноста ќе се откаже од привилегиите што му следуваат по закон – користење на канцеларии со соработници и доживотна претседателска пензија.
Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност. дма/са/