Утрински Весник
Македонија

По 80 претставки годишни за дискриминација, апел до институциите да го спроведат законот

По 80 претставки годишни за дискриминација, апел до институциите да го спроведат законот

Прилеп, 5 март 2020 (МИА) – Дискриминацијата ја имаме во речиси сите сегменти во општеството и потребна е проактивна борба, нагласуваат од мрежата на 10. организации кои спроведуваат кампања под слоганот „Дискриминацијата завршува со мене“, а што беше претставена денеска во Прилеп.

Според Драгана Дрндаревска, правен советник од коалицијата „Маргини“ во Мрежа за заштита од дискриминација, мрежата од 10 организации им нуди бесплатна правна помош на сите граѓани, зашто дискриминација има по речиси сите основи: политичка, етничка, родова, расна, поради сексуалната ориентација, кај лицата со попреченост. Иако една година имаме нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, сепак последниот собраниски состав не ја избра Комисијата.

-Ја промовираме кампањата на Мрежата за заштита од дискриминација под слоганот „Дискриминацијата завршува со мене“ . Целта на кампањата, пред сѐ, е да повика на Законот за спречување и за заштита од дискриминација. Собранието пред една година го донесе новиот закон, но спроведувањето на законот оди потешко. Претходниот состав не ја изгласа Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која, впрочем, треба да биде главниот орган кој ќе го спроведува Законот. Но, сите државни органи, па и локалната самоуправа и приватните фирми имаат обврска да го почитуваат, изјави Дрндаровска.

Како што нагласува Дрндаровска, најдискриминирани се малите етнички заедници, лицата со попреченост, ЛГБТ заедницата, жените при работен однос.

-Со кампањата сакаме да апелираме дека дискриминацијата се случува, најмногу помеѓу маргинализираните групи граѓани, како што се: луѓето со попреченост, ЛГБТ заедницата, Ромите, другите помали етнички заедници кои страдат од стигма и дискриминација од околината кое може да заврши со повреди на права, отпуштање од работа, неовозможување услуги поддеднакви како за другите, насилство, омраза. Дискриминацијата влијае штетно на здравјето на луѓето, на добросостојбата на целото општество, зашто поради дискриминацијата луѓето не може под еднакви услови да придонесуваат во општеството што понатаму раѓа сиромаштија, објаснува Дрндаровска.

Годишно во земјава имаше до 80 претставки за дискриминација до претходната комисија, но тоа не ја одразува реалната ситуација. Граѓаните сакаат позитивни примери дека е решен проблемот.

-Дискриминацијата не се пријавува само на едно место. Се пријавува кај Народниот правобранител, до Комисијата. Годишно пријавите до Комисијата беа од 50 до 80, но треба да се видат и судските постапки. Во однос на судските постапки најмногу имавме случаи на враќање на Роми од граница поради расна дискриминација. Ажурноста на институциите и не е на високо ниво. Треба да се преземат конкретни мерки и да се инвестира во еднаквоста. А Уставот тоа го гарантира, но ако е само декларативна заложба, ништо не е направено, рече Дрндаровска.

Апелира сите општини и сите институции да го спроведуваат законот и да преземаат мерки за спречување и заштита од дискриминација, секој во својот ресор.  – Имаме дискриминација во сите сектори. Доколку ги видите преставките, одредени форми на дискриминација се повторуваат. на пример, отпуштањето на жени од работа, има дискриминирачки огласи. Дискриминацијата е сеприсутна и бројката на 80 пријави годишно не е репрезентативна. Тоа значи дека толку се охрабриле да пријават. За луѓето да пријават, им треба добар пример дека на тие што пријавиле им било помогнато и повеќе не се соочува со дискриминација, па дури и му била надоместена штетата, рече Дрндаровска.

Лилјана Илиевска, заменик народен правобранител во подрачната канцеларија во Битола вели дека ретко се пријавува, главно поради страв и неинформираност.

– Во Подрачната канцеларија на народниот правобранител во Битола која го опфаќа југозападниот регион, се поднесени многу малку претставки што не ја отсликува реалната ситуација. Дискриминација во локалните самоуправи има и тоа е најчесто според политичкото убедување и етничката застапеност. Најчесто во подрачните канцеларии на народниот правобраните се разговара по секој изборен процес зашто невработувањето, распоредувањето на друго работно место, непродолжувањето на договорите се политички мотивирани. Непријавувањето на дискриминацијата, главно е поради стравот од реперкусии, а и од недоволната едуцираност на граѓаните да ги препознаат дискриминаторските назнаки во секојдневието. Дискриминацијата при работниот однос тешко се докажува зашто постапките се законски спроведени, изјави Илиевска.ем/лв/


Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор