Утрински Весник
Македонија

По прекинот на линијата во Украина, нема простор за грижа од недостиг на гас, велат од Владата

Македонија не се снабдува со гас од линијата во Украина, прекинот нема да се одрази во земјата.

Сопирањето на една од двете клучни линии за дистрибуција на руски гас во Европа, кои минуваат низ Украина, нема да се одрази на снабдувањето со гас на земјата, уверуваат од Владата.

Украинскиот систем за пренос на гас денес го прекинува преносот преку влезната точка Сохранивка поради, како што објаснија, виша сила.

„Република Северна Македонија не се снабдува со гас од гасоводот што минува низ Украина. Во таа насока сакаме да истакнеме дека количините што се неопходни за нашата држава се обезбедени од компаниите што вршат дистрибуција на гас во нашата земја. Нема простор за грижа од недостиг на гас“, рече владиниот портпарол Муамет Хоџа.

Сохранивка е една од двете клучни точки за снабдување со руски гас во Европа. И покрај руската инвазија, која почна на 24 февруари, Украина останува важна транзитна рута за пренос на руски гас во Европа.

Украинскиот систем за пренос на гас ГТСОУ објави дека не може да продолжи со работа на компресорската станица „Новопсков“ поради мешање на окупаторските сили во техничките процеси.

Компресорската станица „Новопсков“ во областа Луганск, источна Украина, е под контрола на Русија, веднаш по почетокот на инвазијата. Тоа е првата компресорска станица во Луганск, транзитна рута за речиси 32,6 милиони кубни метри гас дневно, една третина од рускиот гас што се транспортира во Европа преку Украина.

Можете да прочитате

Мега Парк или Мега депонија? – Децата во Ново Село играат врз еколошка бомба

ЦУК: Од вкупно 34 пожари на отворено, два сè уште се активни, а четири се под контрола

Семејствата на загинатите во Кочани по концертот во Штип: Кочанчани, патувавте 30 километри до Штип, зарем 300–400 метри до Паркот на револуцијата се премногу?