Пехчево, 20 април 2020 (МИА) – На иницијатива на пехчевскиот градоначалник Драган Тренчовски, а поради појавата на првиот позитивен случај на коронавирус, одржан итен состанок на Општинскиот кризен штаб во Пехчево.
Посакувајки му поскоро опоравување на првиот пациент со КОВИД-19, Тренчовски истакна дека се донесени дополнителни мерки и препораки за заштита од коронавирусот.
– Општина Пехчево во наредниот период го става на располагање Туристичкиот центар за тестирање на граѓаните во општината со препорака да се изврши тестирање на поголем број од населението во Пехчево. Општината ќе продолжи со дезинфекција на улиците, маркетите, влезовите на зградите и сите јавни повшини и во наредниот период. Договоривме и дополнителни превентивни мерки кои ќе продолжат да се спроведуваат во следниот период, од страна на надлежните институции со цел реализација на повеќе координирани активности во општината, информираше Тренчовски.
– Да ја подигнеме свеста, прво за сопственото, па потоа и за јавното здравје, заштитувајки се себеси да ги заштитиме луѓето околу нас, да ги следиме препораките, со што ќе останеме безбедни, а безбедни сме ако останеме дома, порачаа од Општинскиот кризен штаб во Пехчево;
На состанокот епидемиологот Сузана Каракашевска апелираше сите лица кои биле во контакт со инфицираното лице за понатамошни инструкции и совети да се јават на телефонскиот број 071/244-472.
– Исто така сите што биле во контакт со инфицираното лице да останат во самоизолација. дравствените лица кои биле во контакт со инфицираното лице се ставени во изолација, а ќе се се побараат дополнителни тестови за дел од персоналот, рече Каракашовска.
Од Здравствениот дом посочуваат дека заболениот е во добра здравствена состојба и сите членови од неговото семејство се во изолација и ќе бидат тестирани. Од таму упатија смирувачки тонови до населението.
– Информираме дека работата на здравствениот дом ќе работи непречено. Како здравствен дом секојдневно вршиме дезинфекција на работните простории, имаме набавено опрема за медицинските лица и тоа 20 скафандери, 10 визири, во моментот има 2400 маски и 3000 ракавици, а одредена е и просторија која ќе се користи за изолација за заболените од корона вирусот, истакнаа од Здравствениот дом.
Во Пехчево досега се направени вкупно четири тестирања за Ковид-19, од кои три се негативни, а еден позитивен. вс/фф/