Утрински Весник
Македонија

Почнува Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД

Делегација на Владата, предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, од денес престојува во Вашингтон, каде ќе учествуваат на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД. Преку видео-конференциска врска на Стратешкиот дијалог ќе се приклучи и заменичката на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Во фокусот на Стратешкиот дијалог ќе бидат темите од билатералните односи, но ќе стане збор и за прашања од глобален интерес. Значајно место во разговорите ќе имаат темите од областа на регионалната соработка, одбраната и безбедноста, енергетиката, економската соработка, трговијата и инвестициите, културната соработка, како и прашањата од областа на образованието, демократскиот развој, борбата против корупција и сл.

Воедно, ќе стане збор и за евроинтегративните процеси на Северна Македонија и регионот, идното претседавање на земјава со ОБСЕ во 2023 година, како и актуелните безбедносни предизвици и нивните импликации врз трансатлантската безбедност.

По завршувањето на Стратешкиот дијалог ќе биде донесена Заедничка изјава меѓу Северна Македонија и САД, со која ќе бидат реафирмирани заедничките заложби за понатамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.

Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која отвара Стратешки дијалог со САД кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво.

Можете да прочитате

Бети Стаменковска кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода, во Кочани ќе го поддржат Влатко Грозданов

Македонец лежи затвор за учество во војната во Украина – РСЕ го посети во „Идризово“

Шукова: Мицкоски живее во паралелен свет каде горењето отпад не загадува