Скопје, 22 април 2020 (МИА) – „Корупцијата убива“ е насловот на проектот кој го спроведува Здружението за афирмација на мултимедијална уметност ИН-ВИ ИДЕА со седиште во Гостивар. Преку видео пораки и квалитетен истражувачки документарец овој проект има за цел да ја подигне јавната свест на граѓаните на Република Северна Македонија, особено на Полошкиот регион, за фаталните последици на корупцијата.
Според претседателот на здружението, Бурим Биљаљи, целта е постигнување на понапредна свест и перцепција на граѓаните за присуството на корупција и потребата од осуда на коруптивните случаи и практики.
– Имаме намера да ја постигнеме оваа цел преку мултимедијални производи, како најконсумирани од страна на пошироката публика, кои ќе бидат пренесени на националните и локалните медиуми. Станува збор за еден документарен филм и најмалку 10 кратки сензибилизирачки видео клипови за подигнување на свеста за штетата која ја предизвикува оваа негативна појава во едно општество и држава, вели тој.
Друга цел на проектот, според Биљаљи, е преку циклус на обуки да ги научи новинарите како да се известува за корупцијата, а истовремено да се тренираат и за најдобро користење на новинарството како алатка за борба против корупцијата.
– Во овој поглед, ќе им обезбедиме на сите потребни техники и алатки како да истражат корупција или лошо работење во институциите, како да го користат Законот за слобода на информации на Северна Македонија, отворени бази на податоци, Централен регистар на компании и др, вели Биљаљи.
Според него, потребна е акција за да се смени свеста кај луѓето во перцепцијата за корупцијата како негативна појава и да се создаде поголема свесност кај граѓаните и државните службеници за да ги пријават случаите на корупција во релевантните институции, невладини организации или до медиумите.
– Така, ние ќе ги охрабриме и свиркачите похрабро да ја пријават корупцијата во институциите или компаниите каде се вработени, додава Биљаљи.
Проектот се спроведува во рамките на проектот „Заедно против корупцијата“, имплементиран од страна на Центар за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, Центар за развој на медиуми МЕДИУМ и Институт за човекови права, а е финансиран од Европската Унија (ЕУ). см/ац/