Скопје, 29 февруари 2020 (МИА) – Општина Карпош започнува со изведба на нова, спортско – рекреативна зона во урбаната заедница Карпош 3, како составен дел од училишниот двор на основното училиште „Лазо Трповски“, долж булеварот „Илинден“.
Од Општината информираат дека на овој потег ќе бидат лоцирани нови спортски терени, а веќе постоечкото игралиште што се наоѓа во полоша состојба, ќе биде реконструирано и приспособено за играње на мал фудбал и ракомет. Љубителите на кошарката ќе добијат нов терен за баскет, а предвидена е зона и фитнес дел, со спортски направи за вежбање и детско игралиште, како и соодветна урбана опрема клупи за седење, корпи за отпадоци и осветлување.
Сепак, додаваат во соопштението, доминантна ќе биде зелената површина и дрвјата и затоа, Општината планира поставување на систем за наводнување на зеленилото, со цел, тоа да биде одржувано во текот на целата година.
-Локалната самоуправа реши да го облагороди овој простор, кој со децении делуваше запуштено. Спортско – рекреативната зона е во јадрото на Карпош 3 и ќе биде достапна за сите граѓани. Всушност, жителите покажаа интерес за ваква зелена и спортско – рекреативна зона и преку анкетата која Општината ја спроведе пред донесување на Буџетот за 2020 година, но и во секојдневните контакти со општинските служби, наведуваат од Општината.
Додаваат дека продолжуваат со хуманизација на јавниот простор и негово приспособување на реалните потреби на граѓаните.
Минатата година, Општината го реконструираше и фудбалското игралиште „Сокол“, а беа обновени и терените во Бардовци. Интензивно се работи и на Спортско – адреналинскиот парк, долж реката Вардар, кај Алпинистичката карпа, потег кој ќе биде меѓу поатрактивните делови од главниот град, Скопје.скс/