Утрински Весник
Економија

Почнува аплицирањето за финансиска поддршка од државата за исплата на плати

Почнува аплицирањето за финансиска поддршка од државата за исплата на плати

Работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат од денеска до 30 април да аплицираат за мерката од петтиот пакет мерки – финансиска поддршка за исплата на плати за февруари и март. Поддршката изнесува од 14.500 до 21.776 денари по вработен, согласно падот на приходите три месеци пред месецот за кој се аплицира за поддршка, во однос на истиот период лани.

Посебни поволности се предвидени за оваа во петтиот пакет, односно трансформација на 50% од помошта во грант-средства без услови или 100% во случај на инвестирање во основна опрема. Ова го истакнаа министерот за финансии, Фатмир Бесими, и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција.

Вкупната вредност на мерката е 1,9 милијарди денари, кои се издвоени од буџетот и ќе се опфатат околу 60.000 работници. Предвидено е висината на поддршката, согласно падот на приходите на фирмите да биде – за пад од 30% до 40% износот на финансиската поддршка да е до 14.500 денари, од 40,01% до 50% финансиска поддршка до 15.955 денари, од 50,01% до 60% финансиска поддршка до 17.410 денари, од 60,01% до 70% финансиска поддршка до 18.865 денари, од 70,01% до 80% финансиска поддршка до 20.320 денари и над 80% износ на финансиска поддршка до 21.776 денари.

-За сите корисници на финансиската поддршка за исплата на плати предвидено е 50% од исплатената помош да се трансформира во грант, без никакви услови. За оние, пак, кои во текот на годината ќе инвестираат во основна опрема, целата исплатена помош ќе биде трансформирана во грант-средства. Од оваа новина се гледа и развојната компонента, која беше истакната при презентирање на петтиот пакет мерки. Како целиот свет, така и ние, на 2021 година гледаме како на година на ревитализација. Заздарвувањето е потребно да се стимулира преку мерки насочени кон поттикнување нови инвестиции и развој на фирмите. Во тој контекст е и уште една друга мерка од петтиот пакет за која фирмите наскоро ќе можат да аплицираат. Станува збор за Ковид 4 бескаматната линија преку Развојната банка, за која издвоивме 615 милиони денари (10 милиони евра). Фирмите ќе можат да аплицираат за кредити од 3.000 до 30.000 евра. Предвидено е за компаниите кои ќе го зголемат бројот на вработените или прометот дел од бескаматниот кредит да им се трансформира во грант – рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Директорката на УЈП, Лукаревска, најави дека барањето за финансиска поддршка за исплата на плати за работодавачите ќе се одвива преку системот е-даноци до крајот на месецот, а УЈП најдоцна во рок од 3 дена доставува повратен одговор на барањето.

-Работодавачот со комплетно барање, поднесува МПИН пресметка, во која за работниците за кои побарува финансиска поддршка внесува шифра 5002, а УЈП по обработката на пресметката, го информира работодавачот за исполнетоста на условите и за вкупниот износ на финансиска поддршка што ќе му биде исплатена за соодветниот месец. По обработка на податоците УЈП ја информира Владата на РСМ за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка, заради исплата на финансиските средства најдоцна во рок од 5 дена од прифатениот МПИН образец – рече Лукаревска.

Таа информира дека условите од Законот за користење на финансиската поддршка се истите како и од претходниот Закон, односно работодавачот треба да има пад на приходите од најмалку 30%, да не се врши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, работникот да нема остварено нето-плата поголема од 39.900 денари во претходните четири месеци, работодавачот да не исплатува нето-плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиската поддршка на повеќе од 10% од вкупниот број на вработени, да не користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, работникот да не е пријавен на дополнително работно време и работодавачот во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година, има остварено кумулативно акумулирани добивки пред оданочување помали од 600.000.000 денари. Во месецот за кој се бара финансиска поддршка, работодавачот треба да има ист или поголем број на вработени споредбено со месец декември 2020 година со исклучок на одјавените работници по оправдани основи согласно законот. Овој услов немаат обврска да го исполнат работодавачите кои вршат угостителска дејност, односно дејности за подготовка и служење храна и објекти за сместување, како и транспортната дејност, односно копнен и цевоводен транспорт кој поради здравствените протоколи имаат затворено најмалку 50% од своите капацитети преку кои го остваруваат прометот.

Самостојните вршители на дејност поднесуваат барање за финансиски средства за февруари и март 2021 преку системот Е-ПДД за секој месец одделно најдоцна до 30 април 2021. Висината на финансиската поддршка изнесува 17.410 денари на месечно ниво.

Физичките лица кои вршат самостојна дејност за остварување на ова право треба да имаат намалување на приходот за повеќе од 30%. Износот на финансиска поддршка се исплатува во рок од 10 дена од денот на поднесување на комплетното барање, на трансакциска сметка преку која физичкото лице кое врши самостојна дејност врши трансакции за дејноста, рече директорката на УЈП Лукаревска.

Можете да прочитате

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Последни два дена за амандманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 на матичната собраниска Комисија

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата