Денеска во Германија почна судењето на Германецот кој изврши напад врз синагога за Јом Кипур кој се смета за еден од најлошите антисемитски напади во повоената историја на земјата, пренесува „Вашингтон пост“.
Судскиот процес е во време кога антисемитските злосторства го достигнаа своето највисоко ниво откако Германија започна да ги следи ваквите злосторства во 2001 година, во услови на севкупно зголемување на десничарскиот екстремистички криминалитет. Судскиот процес се одвива во источниот германски Државен суд во Магдебург.
Стефан Балиет (28) објави антисемитски манифест пред нападот на 9 октомври 2019 година во источниот германски град Хале, а нападот го пренесуваше во живо на популарен сајт за игри.
Напаѓачот се обидел, но не успеал насила да влезе во синагогата во која имало 52 верници. Потоа пукал и убил 40-годишна жена на улицата и 20-годишен маж во блиската ќебапчилница за која обвинителите велат дека ја одбрал за да убие луѓе со мигрантски корени.
Балиет е обвинет за 13 кривични дела, вклучувајќи убиство и обид за убиство, заедно со други обвиненија, вклучувајќи нанесување телесни повреди и поттикнување. Четириесет и три жртви и роднини се приклучија на судењето како ко-тужители, што е дозволено според германскиот закон. Во обвинението се именувани околу 168 сведоци, објави ДПА.
Балиет бил вооружен со осум огнени оружја, неколку експлозивни направи, шлем и заштитен елек. Обвинителите велат дека оружјето е очигледно домашно.
По нападот тој избегал од градот, ранувајќи други две лица во еден мал град во близина на Хале каде што го оставил својот автомобил и украл такси. Балиет беше уапсен околу час и половина по нападот кога излегол од таксито со кое предизвикал сообраќајна незгода.
Шефот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер, го нарече нападот еден од најлошите антисемитски инциденти во последните години во Германија.