Скопје, 24 април 2020 (МИА) – Општина Карпош почнува етапна реконструкција на градинка „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1. Реконструкцијата ќе чини пет милиони денари.
-Преку целосна санација на тоалетите, дел од санитарната опрема и инсталации, започна етапната реконструкција на детската градинка „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1. Станува збор за еден од најстарите објекти на градинки во Карпош, кој со децении не беше обновен, информираат од општината.
По санацијата на тоалетите, ќе следува замена на сите прозорци и врати на објектот, со што ќе се зголеми енергетската ефикасност на градинката, а ќе се намалат и трошоците за загревање. Потоа, ќе се премине кон целосна обнова на кровната површина, подот и фасадата.
-Иако локалната самоуправа, извесен период е во потешка финансиска состојба, сепак се одлучивме на фазна реконструкција на оваа предучилишна установа, имајќи ги предвид лошите услови на објектот, велат од општина Карпош.
За време на овие активности, дечињата, ќе бидат сместени во другите објекти на „Мајски цвет“, иако моментално не посетуваат градинка, како резултат на пандемијата со Ковид-19.
-Општина Карпош за реконструкцијата на „Мајски цвет“ одвои пет милиони денари од Буџетот за 2020 година. Овој проект беше дел и од изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, за локалните избори во 2017 година, информираат од општината. ир/са/