Кочани, 27 април 2020 (МИА) – Општина Кочани денеска ги почна завршните градежни работи за реконструкција и преасфалтирање на 3,5 километри од локалниот патен правец до село Мојанци, за што се инвестираат над 15 милиони денари.
Средствата за реконструкцијата се обезбедени како грант од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), со чија финансиска поддршка се реализираше и изградбата на пречистителната станица за отпадни води во близина на ова населено место, а сопствено учество има и локалната самоуправа.
– Иако првично се планираше преасфалтирањето да заврши до крајот на минатата година, сепак поради непредвидено пролонгирање на изградбата на цевководот за филтер станица, кој поминува под патот, се јави доцнење во реализацијата на патот. Освен тоа, и вонредната состојба поради коронавирусот ја ограничи мобилноста на градежната оператива, а тоа предизвика дополнителен застој во планираните термини за реконструкција. Им се извинуваме на жителите од овдешните села за проблемите со сообраќајното поврзување, но се надеваме на разборање и задоволство по завршувањето на работите, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Преасфалтирањето на патот се реализира од преминот преку железничката пруга кај компанијата „Антура“, па сè до влезот во селото Мојанци, при што коловозот ќе биде проширен од постојните три на 4,5 метри. По целата должина веќе е изграден тротоар со ширина од 1,5 метар, а поставено е и јавно осветлување.
Со реконструкцијата на локалниот патен правец се овозможува поквалитетен приод за околу 1.600 жители до трите села што гравитираат кон овој крај, Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци.та/лв/