Утрински Весник
Македонија

Почна пробивањето на улицата Есенинова

Почна пробивањето на улицата Есенинова

Екипите на Град Скопје денеска почнаа со изградба и пробивање на улицата Есенинова, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада.

„Со овој коридор ќе се намали притисокот на раскрсницата кај „Тутунски комбинат“ бидејќи директната врска кон скопското сајмиште за граѓаните ќе значи многу побрзо патување и кратење за повеќе од десетина минути од времето потребно за движење, а ќе се намали и метежот во сообраќајот. Со тоа, ќе влијаеме на подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на улицата Есенинова.

Новоизградената улица Есенинова ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно, ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада. Предвидено е да се постави улично осветлување со 20 столбови, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари кои се наоѓаат на таа локација. Вредноста на договорот изнесува околу 71.000.000 денари со вклучен ДДВ, а рокот за изведба е 22 месеца.

 

Улицата Есенинова е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар, зашто претставува трето поврзување на урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода. Булеварот Трета македонска бригада со должина од 2,5 километри има само 2 поврзувања со Кисела Вода, едното преку булевар Србија со булевар Борис Трајковски, а второто, познатото тесно грло кај „Тутунски комбинат“, кое воедно претставува поврзување на Аеродром и со Кисела Вода и со Центар.

Со изградбата на Есенинова, ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу „Тутунски“, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути. Ова ќе го почувствуваат и граѓаните кои патуваат од „Континентал“ во Гази Баба до Рампа и Чешма во Кисела Вода, а кои избегнувајќи го тесното грло кај „Тутунски“ кружат или преку булевар Србија во Аеродром или преку булеварите Крсте Мисирков и Кочо Рацин во Центар.

Така на пример, од Чешма до „Континентал“ ако сега се патува 3 километри преку Центар или 8 километри преку Аеродром, преку трасата Есенинова – Никола Карев – Беласица ќе се патува само 2 километра. Изразено во време, тоа на граѓаните им заштедува од 10 до 15 минути.

Шилегов денеска најави интензивирање на градежната офанзива на Град Скопје – до крајот на годинава ќе почне реконструкција и изградба на над 20 сообраќајници во сите 10 скопски општини во вредност од околу 760 милиони денари во тековната и идната година.

– Ги замолувам скопјани за малку трпение. Веќе знаете дека е сменет начинот и режимот на работа на Градот, ќе бидеме и брзи и квалитетни. Секои градежни работи предизвикуваат пореметување на секојдневието, па поради тоа замолувам да се почитуваат новите сообраќајни режими кои ќе бидат воведувани во градот почнувајќи од денешниот ден – додаде Шилегов.
На почетокот на градежните работи на улицата Есенинова присуствуваа и градоначалниците на Општина Кисела Вода и на Општина Центар, Филип Темелковски и Саша Богдановиќ.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Делегација на СДСМ оддаде почит во Пелинце по повод Денот на Републиката

Меморијален центар АСНОМ- споменик на создавањето на современата македонска држава

Филипче: Се создава впечаток дека некој сака да ја скрие вистината за скандалот на аеродромот