Куманово, 5 мај 2020 (МИА) – Двата пазара во Куманово денеска почнаа да работат, информираа од јавното претпријатие „Пазаришта“. Тие се лоцирани на булеварите „Трета МУБ“ и „Октомвриска револуција“ и ќе работат од понеделник до петок од 8 до 16 часот.
-После секој работен ден пазарите ќе се дезинфицираат. Остануваат сите препораки на Владата, Министерството за здравство и на Кризниот штаб на Куманово. Задолжителни се маски, ракавици, дезинфекциски средства, дистанца од два метра, изјави Илир Саити, директор на претпријатието.
Од ЈП „Пазаришта“ се подготвуваат и за отворање на добиточниот пазар во село Којнаре кој традиционално работи во сабота. Таму ќе се следат сите насоки од Владата и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Кризниот штаб вчера информираше дека претпријатието побарало отворање на пазарите, по што и препорача на општината да почне со работа реонскиот и зелениот пазар и да се почитуваат сите мерки за заштита од коронавирусот. ам/хс/