Куманово, 20 јуни 2020 (МИА) – Екипите на Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ почнаа акции за косење на трева и уредување на зелените површини во Куманово, информираа, денеска надлежните од претпријатието. Интензивните акции се одржуваат во рамки на програмата за уредување на зелените површини во градот, изгласан на советот на општината. Покрај вработените, во акциите вклучени се и дополнителни работници, 20-тина корисници на социјална парична помош кои во период од еден месец ќе бидат ангажирани во уредувањето на површините. Дел од работниците кои се ангажирани ќе бидат испратени и за уредување на градските гробишта, а дел ќе бидат ставени на располагање во работна единица „Зеленило“.
-И покрај тоа што се работи согласно програмата има поголем број на барања од граѓаните, за дополнително чистење и уредување и во рамки на она што е капацитет на претпријатието. Ќе се обидеме да им излеземе во пресрет на граѓаните и да се организираат акции сепак, активно учество треба да преземат и станбени домари, кои се надлежни за одржување на колективни станбени домувања и просторот околу нив, изјави директорот на ЈП „Чистота и „Зеленило“, Даниел Стојчевски.
Тој додава дека во наредниот период ќе почнат да организираат акции за уредување на зелените површини на повеќе локации во градот, по урбани заедници, населби, локации. ам/ир