Австралиската пејачка Хелен Реди, чиј хит од 1972 година „I Am Woman“ стана глобална феминистичка химна, почина вчера во Лос Анџелес на 79-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство.
„Нашите срца се скршени, но нè теши фактот што знаеме дека нејзиниот глас ќе живее вечно“, напишаа членовите на семејството на Реди на нејзиниот официјален профил на „Фејсбук“.
Реди, родена во Австралија, победи на натпревар за таленти како млада жена, а потоа се пресели во САД, а покрај успешната пејачка кариера, еднаш имаше и свое телевизиско шоу и глумеше во холивудски филмови.
„Ројтерс“ наведува дека таа била најтиражната пејачка на светската музичка сцена во 1973 и 1974 година, од која официјално се пензионирала во 2002 година, откако нејзината кариера била во опаѓање од 1980-тите, а во 2015 година и била дијагностицирана деменција.