Легендата на Црвена звезда, Владица Поповиќ почина на 85 години во понеделникот навечер во Белград, потврдија од српскиот клуб.
Поповиќ е на петтото место на вечната листа по настапи за Звезда, откако во 499 натпревари од 1953 до 1965 година постигнал 38 гола. Со „црвено-белите“ тој освои пет титули на Југославија и три Купови, а играше и за Штутгарт, завршувајќи ја кариерата во Венецуела во тимот на Депортиво Канаријас. За поранешна СФРЈ тој настапи 20 пати и играше на Светското првенство во Чиле во 1962 година.
По фудбалската кариера, тој беше тренер во Боливија и во Колумбија, а потоа се врати во Црвена звезда во сезоната 1991/92, освојувајќи ја титулата светски шампион со победата над Коло Коло.
Тој освои титули со два различни клуба од Колумбија, Санта Фе во 1971 и Депортиво Кали во 1974 и подоцна призна дека го одбил нарко-босот Пабло Ескобар да го преземе неговиот тим Атлетико Насионал од Меделјин.
„Ме повика Пабло Ескобар, а тогаш таму сите знаеја кој е тој и дека не смееш да го одбиеш. Ме однесе во неговата вила и ми даде виски додека седевме во базен. Бараше да станам тренер, но го одбив. Знаев дека не смеам да му кажам дека ќе размислам, бидејќи тоа ќе значеше дека сум кажал да“, се потсети години подоцна Поповиќ.
> Почина српската фудбалска легенда Владица Поповиќ, човекот кој го одби Ескобар <