Утрински Весник
Македонија

Потврден прв случај на корона вирус во земјава, надлежните тврдат дека нема причина за паника

Потврден прв случај на корона вирус во земјава, надлежните тврдат дека нема причина за паника

Скопје, 26 февраури 2020 (МИА) – Жена од Скопје, родена во 1970 година, е првиот потврден случај со коронавирус во земјава. Пациентката, која одреден период престојувала во Италија, а допатувала преку граничниот премин Табановце превезувајќи се со комбе во кое имало уште неколку лица, моментно е на интензивна нега во Одделот за изолација на Инфективната клиника. Свесна е, ориентирана и дише нормално.

Како што соопштија попладнево министерот за здравство Венко Филипче, д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје и премиерот Оливер Спасовски нема простор, ниту причина за паника. Ситуацијата е под контрола, постојано се следи, а институциите се подготвени за брза реакција и ги преземаат и сите неопходни мерки според меѓународните протокли.

Филипче, Сапсовски и Караџовски апелираа граѓаните да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство и да се однесуваат одговорно. Да не се шири дефетизам, посебно не на социјалните мрежи. Воедно повикаа, компаниите и институциите да не им дозволат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација – период колку што трае инкубацијата на вирусот.

Во однос на заштитните маски, министерот Филипче нагласи дека тие претставуваат само дополнителен ризик за здравите луѓе и дека е најдобро да ги носат болните. Целта на маските е да се спречи пренесување на која било зараза. Тој потсети и дека коронавирусот се шири, пред се, респираторно, преку кивање и кашлање, но и преку нечисти раце.

– Нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Одделот за изолација и соодветно се третира нејзината состојба. Епидемилошките анализи укажаа дека еден месец била во Италија во посета на роднини. Веќе две недели е болна и иницијално се тестирала во здравствената установа во Италија. Непосредно по влегувањето во земјава, директно се упатила на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Инкубацијата е помината и во моментот на транспорт не претставувала опасност за пренесување на болеста, рече Филипче.

Министерот најави дека сите што биле во комбето со пациентката ќе бидат соодветно тестирани, а анализи ќе се спроведат и кај членовите на нејзиното семејство кое ја превезло од Табановце до Инфективната клиника. Сите, исто така, ќе бидат ставени во 14-дневна изолација. Деталите за нивната состојба ќе бидат соопштени на следната прес-конференција во Владата, закажана за 20 часот.

Упатувајќи смирувачки тонови, д-р Караџовски рече дека едно позитивно лице не претставува ризик за населението. Тој објасни и дека пациентката со коронавирусот била внесена на Инфективната клиника од посебен влез, а и движењето во Клиниката било низ посебни ходници. Всушност, биле спроведени соодветните процедури и постапки.

– Граѓаните може да бидат мирни, зашто ништо не не изненади. Медицинските служби се 24/7 подготвени да дејствуваат и за само половина час можат да направат екипа, напомена Караџовски.

И според премиерот Спасовски, ситуацијата е под контрола. Пациентката со корона вирусот е третирана согласно сите препораки.

– Институциите се подготвени да реагираат веднаш. Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство. Во овој момент е многу важно свеста кај сите да биде на високо ниво во однос на препораките, но и во однос на одговорното однесување, посебно на социјалните мрежи. Да не не поведуваат емоциите наместо разумот и да не оставаме простор за панични реакции пред она што е реално, истакна Спасовски.

Одговорајќи на новинарски прашања, тој напомена дека јавни собири и други случувања на отворен простор засега не се забранети, ниту има причина за тоа. Одлуки во однос на овие и слични прашања ќе се носат на дневна основа, зависно од текот на случувањата.

Обезбедени се, информира премиерот, и соодветни објекти, како и простории за дополнителна изолација, ако за тоа евентуално се јави потреба.

Претходно, денеска министерот Филипче рече дека случај со коронавирус засега од регионов има во Хрватска, а денеска беше потврден и првиот случај во Грција. Во Албанија корона вирус, како што рече Филипче, се уште нема, а од Косово  се чекаат информации. мч/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош

СДСМ: Мицкоски повторно демонстрира лицемерие и паника по нашата консолидација

Директорот на затворот Шуто Оризари вели нема шанси Кешишев и Палчо да размениле писмо