Утрински Весник
Македонија

Потврдено одземањето на дозволата за рудникот Иловица-Штука, „Еуромакс“ ќе се жали

Додека се чека одлуката на Вишиот управен суд, не запираат протестите против рудникот во Иловица и Штука

Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен уште еднаш ја потврди одлуката за одземање на дозволата за експлоатација на канадската компанија „Еуромакс“ за концесијата Иловица 6 на рудникот Иловица-Штука. Одлуката следува откако Вишиот Управен суд во ноември ги отфрли жалбите на Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен и канадската компанија „Еуромакс ресурсис“ во случајот рудник Иловица-Штука како недозволени и ја потврди одлуката на Управниот суд предметот повторно да се врати во Второстепената комисија со образложение дека Законот за управни спорови не дозволува жалба во која управен акт е поништен или прогласен за ништовен. Со одлуката требаше прво да се реши спојувањето на двете концесии, па да се одлучува за одземање на дозволата за експлоатација.

Еколошките здуженија и граѓаните од општините во југоистокот денеска ја поздравија одлуката на Второстепената комисија и уште еднаш порачаа дека рудник во нивниот крај нема да дозволат да има.

„Задоволни сме од континуитетот на ставот на државните институции по прашањето за рудникот Иловица –Штука и недозволувањето во нашата средина да се отвори рудник“, вели Костадин Ристоманов од здружението „Здрава котлина“.

Компанијата „Еуромакс“, пак, најавува дека повторно ќе се жали во Управниот суд. Тие сметаат дека Државната комисија ја занемарила конечната одлука на Вишиот управен суд и ја потврдила одлуката на министерот за економија да го одбие барањето на „Еуромакс“ за дозвола за експлоатација за концесијата Иловица 6.

„’Еуромакс’ повторно ќе ја обжали одлуката на Државната комисија во Управниот суд на Северна Македонија и согласно законската регулатива за работењето на владините институции, секоја понатамошна одлука на Управниот суд ќе биде извршна. Еуромакс ќе продолжи да ги користи сите законски можности во Северна Македонија и ја задржува и опцијата својот случај да го штити во процес пред меѓународна арбитража согласно Швајцарско-македонскиот билатерален договор за инвестиции“, велат од компанијата.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина