Скопје, 14 февруари 2020 (МИА) – Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Васко Кичевски, остварија средба со директорот на Скопски пазар АД Скопје, Младен Дамев и претставници на пазарџиите од „Зелен Пазар“ со цел да се надминат проблемите на паркиралиштето „Аутомакедонија“.
На средбата, како што соопшти Општина Центар, биле разгледани доставените барања од страна на пазарџиите, а се разговарало за нови ефикасни решенија кои се во интерес и на жителите и на трговците од „Зелен Пазар“ и притоа бил постигнат договор кој ќе го реши проблемот на ова паркиралиште.
– ЈП Паркинзи на Општина Центар, во месец март ќе го уреди „дивиот паркинг“ позади „Зелен Пазар“ кој моментално е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар. На ова неуредено паркиралиште ЈП ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи, односно, едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од ул. „11 Октомври“ и бул. „Кочо Рацин“. Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето „Аутомакедонија“ целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови, се наведува во соопштението.
Од Општина Центар велат дека во координација со пазарна инспекција ќе ја преземат одговорноста за дивите пазарџии на паркиралиштето кај „Аутомакедонија“. дма/скс/