Скопје, 25 февруари (МИА) – Последната долга суша е одговорна за досега најголемото опаѓање на нивото на водата на Преспанското Езеро, кој е во постојан пад од 1951 годинаа. Тоа укажува дека во споредба со ефектот на климатските промени, истекот во Охридското Езеро и употребата на водата за наводнување од Преспанското Езеро, незначително придонесуваат кон намалувањето на неговото ниво. На ова укажуваат податоците за нивото на Езерото мерени од УХМР од 1951 до 2004 година.
– Сметаме дека ефектите од климатските промени за жал во иднина ќе бидат се повидливи во нашата земја особено на водните и влажните живеалишта. Затоа одговорноста треба да ја бараме во сите нас. Да размислуваме за нашите секојдневни активности и да покажеме свесност дека ниту една акција не поминува без реакција. Односно, нашето неодговорно однесување денес (од неодговорно одлагање на смет, па се до уништување на мочуриштата и другите влажни живеалишта кои сепак сè уште некако го одржуваат езерото живо), порано или подоцна ќе биде платено со висока цена. Во овој случај со многу скратена и блага пролет и сушни, долги лета, полни со непопустлива жега на која не е навикнато нашето Преспанско Езеро, вели Драган Арсовски, претставник на подрачната канцеларија на Македонското еколошко друштво (МЕД) од Ресен.
Годишните промени во нивото на водата на Преспанското Езеро се директен резултат, прво на комплексната геолошка постава на регионот, а потоа и на следните фактори: дотокот на вода од реките и подземните води, количеството на врнежи, степенот на испарување од Езерото, искористената вода за наводнување и карстниот истек на водата низ планината Галичица во Охридското Езеро.
Првите три фактори ги отсликуваат просечните климатски услови во водниот слив на Езерото, бидејќи сите речни текови и подземните води се полнат од врнежите во езерскиот басен, односно во неговиот стрмен воден слив и како такви имаат голем удел врз количеството на вода во Преспанското Езеро, се наведува во извештајот на НОА.
Историски гледано од кога се вршат мерења од страна на Управата за хидрометеоролошки работи од 1951 година нивото на водата во Преспанското Езеро е во постојан пад, со изразено опаѓање од 1987 до 1995 година.
До сега се покажало дека значителните зголемувања и намалувања на волуменот на Езерото се главно резултат на кумулативната преципитација (град, дожд или снег) за време на т.н. „влажна сезона” (од октомври до март), односно при големите суши. Од друга страна пак, езерската вода е искористувана директно за наводнување, како и преку бунари во трите држави уште од 50-тите години на минатиот век.
Двата начини имаат директен негативен ефект на нивото на Езерото и се во голема мера одговорни за неговото долгорочно намалување од 70-тите години на минатиот век до 2004 година.
Опсервираниот волумен на карстен истек низ Галичица, пак е стабилен независно од нивото на езерската вода и како таков не допринел значително кон интензивното намалување на Езерото, се вели во извештајот. ир/сп/