Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Делегација на Стопанската комора на Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески, денеска ќе ја посети компанијата „Гентерм Северна Македонија“ во Прилеп – членка на Асоцијацијата на компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Комората.
Компанијата на американскиот гигант од автомобилскиот сектор „Гентерм“ произведува клима-системи за греење и ладење на седишта и управувачи, електроника и кабли за големи автомобилски брендови, како што се „Форд”, „Џенерал Моторс”, „Тојота”, „Лексус” и „Киа“.
Според најавата, по посетата, делегацијата на Стопанската комора на Македонија ќе присуствува на настанот „Избираме најуспешни битолчани за 2019 година“ во организација на „Битолски весник“, како единствено локално печатено гласило кое се одржа во живот толку долг период и веќе 57 години претставува „сведок и хроничар на Битола“.
За утре, пак, е планирано делегацијата на Стопанската коморада ја посети и компанијата „АСП-ПАК“ – Охрид, успешна извозна компанија, која е една од водечките производители на плетени мрежи со најразлични апликации во Европа. Производството на плетени мрежи за пакување на овошје и зеленчук, на мрежи за заштита на овоштарници и градежни места и декоративни мрежи, опфаќа палета од преку 400 различни производи. „АСП-ПАК“, 99 проценти од своето производство го пласира на пазарите во земјите на Бенелукс, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Австрија, Хрватска, Грција, Чешка, Полска, Швајцарија, Израел и во земјите од Западен Балкан. лв/сп/