„Европа пред 5 години направи грешка, таа одлука не беше вистинска и задоволен сум што денес имаме поинаква позиција“, рече австрискиот канцелар
Прашањето дали лидерите на Србија и Косово знаеле што потпишуваат во Вашингтон, каде ветија дека ќе отворат амбасади во Ерусалим, треба да им се упати директно ним, бидејќи Европската унија не беше информирана за тоа, изјави во понеделникот портпаролот на Комисијата, Питер Стано.
„Вие прашавте дали тие знаеле што потпишуваат. Мислам дека тоа е многу добро прашање за нив“, рече Стано како одговор на новинарско прашање.
Српскиот претседател Александар Вучиќ минатата недела потпиша документ во Вашингтон во кој се ветува дека Србија ќе ја премести својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим. Косовскиот премиер Авдулах Хоти исто така потпиша сличен документ во кој се обврза дека Косово ќе отвори своја амбасада во Ерусалим кога ќе се воспостават дипломатски односи меѓу со Израел.
Стано додаде дека Европската унија имала информации за економските аспекти од состанокот во Вашингтон меѓу Србија и Косово, но не знаела за овој дел, кој се однесува на признавање на Израел и преместувањето на амбасадата.
Тој потсети дека ЕУ е неутрална по прашањето за Ерусалим и дека е посветена на решението за две држави, Израел и Палестина, кои можат да коегзистираат мирно, при што Ерусалим би бил главен град на двете држави.
Ниту една земја-членка на ЕУ нема своја амбасада во Ерусалим.
Вучиќ и Хоти пристигнаа во Брисел во понеделникот, каде се состанаа како дел од дијалогот за нормализирање на односите под покровителство на ЕУ.
Пред состанокот, тие издадоа заедничко соопштение во кое се вели дека им даваат најголем приоритет на европската интеграција и продолжување на дијалогот под покровителство на ЕУ, што е клучен елемент на патот кон Унијата.
Вучиќ и Хоти исто така ветија дека ќе ги засилат своите напори за да се обезбеди усогласеност со ЕУ, во согласност со нивните заложби.