Реорганизацијата и оптимизацијата на органите на јавната администрација со цел да се намали бројот на институции и да се прецизираат нивните надлежности, се очекува да започне во јануари 2021 година и да заврши на 6 ноември. Проектот беше најавен во 2017 година, од претходниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, пишува „Порталб.мк“.
Во јануари оваа година, Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) нè информираше дека на проектот за реорганизација и оптимизација на јавната администрација работи тим од странски експерти, но и експерти кои се привремено ангажирани, за одредена тема/област. Тимот на МИОА е должен постојано да соработува со тимот експерти, а формиран е и Управниот одбор во кој има претставници од релевантни институции, тим на експерти, но и од Делегацијата на ЕУ.
Сепак, откако беше прогласена пандемијата, односно во март, работата е стопирана затоа што експертите се вратија во своите држави, но како што дознава „Порталб.мк“, тие се повторно во земјава овој месец и ќе продолжат со проектот.
На 6 ноември 2019 година започна спроведувањето на проектот ИПА 2017 „Поддршка за реорганизација на државата“, кој се очекува да заврши на 6 ноември 2021 година. Целта на овој проект е да изврши оптимизација на целокупната институционална рамка, да се зајакне обезбедувањето јавни услуги и зајакнување на етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација, преку спроведување хоризонтална функционална анализа и усвојување на нов Закон за организација на државните органи“, велат од Министерството.
Проектот се состои од две компоненти:
- Оптимизација и рационализација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби и
- Подобрување на рамката за дискрециони овластувања.
Од МИОА велат дека за време на спроведувањето на првата компонента, досега се постигнати следниве резултати:
- Извештај за статусот на регулаторните тела во земјите – членки на ЕУ;
- Извештаи за најдобрите практики на организирање јавна администрација во земјите -членки на Европската унија, и тоа во: Латвија, Финска и Чешка и синтетизиран извештај за најдобрите практики и
- Методологија за спроведување на хоризонтална функционална анализа.
Во меѓувреме, во рамките на проектот се спроведуваат активности за имплементација во фази на интервјуа со 16 министри и институции кои спроведуваат или проверуваат политики од нивните оддели, а првиот нацрт за новата организациска структура на државните органи се очекува во првиот квартал од следната година.
Проектот не предвидува разрешувања во јавната администрација, туку само намалување на бројот на институции, односно нивно укинување или спојување со цел тие да станат поефикасни и поефективни. Исто така, очекувањата се да им се овозможи на министрите да бидат институции за креирање политики, агенциите да бидат тела за спроведување на политиките и инспекторатите да имаат функција на надзор.
Проектот има буџет од 1,7 милиони евра, во рамки на ИПА-проектот, односно финансирањето е обезбедено целосно од пари на Европската комисија.
Ваквата иницијатива дојде како резултат на бројни критики во врска со многу големиот број институции. Македонија има вкупно околу 1.300 државни институции, бројка што се смета за превисока и што ја чини многу државната каса.
Од друга страна, иако се очекуваше дека паралелно со реформите во јавната администрација, според препораките на експертите, бројот на вработени во јавниот сектор да се намали, сепак официјалните бројки покажуваат дека тој е зголемен. Власта тврди дека овие вработувања се неопходни. Бројот на вработени во јавниот сектор до 31 декември 2018 година е 132.068, распоредени во 1.314 институции.