За речиси 52.000 лица е зголемен бројот на регистрираните во графата „невработени“ на крајот од октомври годинава, во споредба со лани истиот месец. Близу 16.000 лица се соочиле со губење на работното место како последица на кризата со ковид-19, пишува „Порталб.мк“. Здравствената криза донесе дисторзија на пазарот на труд, многу луѓе останаа без работа, но има професии кои се барани на пазарот.
Во земјава има 8.400 слободни работни места
Преработувачката индустрија, трговијата и угостителско-хотелиерскиот сектор се дејности во кои, според податоците на Државниот завод за статистика, има најголем број на слободни работни места. Дел од овие сектори воедно се и најпогодени од економската криза – со забавена или со целосно сопрена деловна активност. Така, на крајот од третиот квартал во преработувачката индустрија имало 2.317 слободни работни места, во трговијата 1.543, а во угостителско-хотелиерските дејности 94 слободни работни места. Интересно е дека годинава во однос на лани истиот период – токму кај овие дејности се забележува намалување на пополнетите работни места.
На крајот од третиот квартал од 2020 во преработувачката индустрија биле пополнети 115.863 работни места, а лани во истиот период 120.549, што значи дека бројот на пополнети работни места само во овој сектор се намалил за скоро 4.700.
Пополнети работни места 2019 година 2020 година
Преработувачка индустрија 120.549 115.863
Трговија 86.253 84.658
Угостителство и хотелиерство 24.426 19.133
Најголем пад на бројот на пополнети работни места има кај дејностите поврзани со сместување и сервисни дејности со храна, за 5.300 годинава, во споредба со ланскиот трет економски квартал.
„Ваквите показатели се очекувани. Ние имаме одлив на работна сила по различни основи, како пензионирање, доброволен отказ поради заминување на друго работно место, но сепак најголем удел за поместувањата има здравствената криза која предизвика и економска криза. И најголемо намалување на пополнетите работни места е регистрирано токму во дејностите кои се најмногу се погодени од сето ова што се случува“ – коментираат економисти за „Порталб.мк“.
Додека одредени сектори се соочуваат со тешки последици од кризата, во други има недостиг на кадар.
„Со пренасочување кон моделот на онлајн работа, се менува целиот концепт и во дејностите каде се практикува овој нов начин на работа, веќе има недостиг на обучени ИТ работници“ – велат економистите.
За една година листата на невработени е зголемена за нови 52.000 лица
И статистиката на Агенцијата за вработување покажува промени на пазарот на труд. „Порталб.мк“ направи споредбена анализа на две позиции – бројот на активни баратели на работа и бројот на пасивни баратели на работа во октомври годинава, во споредба со истиот месец лани.
Во десеттиот месец од годинава бројот на регистрирани невработени кои се водат како активни баратели на работа изнесува 153.799 лица и во однос на октомври лани, тој е поголем за точно 51.986 лица.
(октомври) Невработени (активни) Невработени (пасивни)
2020 година 153.799 85.932
2019 година 101.813 87.467
2028 година 91.485 90.551
Извор: АВРСМ
За две години, пак, на листата активни баратели на работа новорегистрирани се дури 62.314 лица. Ова зголемување во 2020 година е последица на повеќе фактори, објаснуваат економистите. Прво, губење на работните места поради економската криза, потоа, законската обврска сите невработени од едно семјество (што сака да користи државни надоместоци и помош) да го пријават својот статус на невработени и дополнително, бројките се зголемени затоа што голем број на луѓе се пријавија како невработени за да го добијат правото на користење на мерките од владата – платежни картички, ваучери итн. Токму поради тоа, пак, е регистрано намалување на бројот на пасивни баратели на работа – кои мигрираа на листата активни, за да може да добијат разни државни субвенции поради здравстевната криза.
Голем дел од граѓаните излегоа од зоната на сива економија пријавувајќи се во Агенцијата за вработување, исто така со цел да добијат државна помош. Сепак, аналитичарите велат дека ова се официјални бројки за состојбите на пазарот на труд. Неофицијалните податоци покажуваат дека економската криза ќе ја подгрее сивата економија – работниците ќе добиваат минимална плата (субвениционирана од државата), а другиот дел на рака, со цел да се здржат работниците во услови кога дел од дејностите едвај функционираат.