Утрински Весник
Македонија

Пораст на бројот на кражбите за време на полицискиот час во Кочани

Пораст на бројот на кражбите за време на полицискиот час во Кочани

Кочани, 12 април 2019 (МИА) – Одделението за внатрешни работи од Кочани евидентира пораст на бројот на кражби во периодот додека трае полицискиот час и тие се карактеристични за одредени делови од градот, заради што веќе се преземаат соодветни постапки и санкции кон прекршителите.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев во текот на ноќта ја посети Полициската станица и направи увид во безбедносната состојба на терен, при што дежурните служби информираа дека просечно се регистрираат по два до три имотни деликти за едно деноноќие.

-Евидентираните деликти се случиле претежно во домови на наши сограѓани кои се на работа во странство, а забележани се и кражби на моторно возило и трговски дуќани. Мерката за ограничување на движењето граѓаните главно ја почитуваат, иако во просек има по три-четири прекршувања во текот на едно деноноќие, за што полициските службеници изрекуваат соодветни санкции, истакна градоначалникот Илијев.

Општинскиот Кризен штаб на Кочани има издадено педесетина дозволи за движење во деновите од викендот, а тие главно се однесуваат на трговски и услужни дуќани кои доставуваат храна и други продукти до домаќинствата, како и за лицата кои се ангажирани во поддршката на социјално ранливите категории.

При посетата на дежурните служби, Илијев беше информиран дека регистрирано е зачестено палење на стрништата и остатоците од оризова слама, поради што тој упати повик до земјоделците да не ја загадуваат животната средина, а со палењето да не ја усложнуваат и онака комплицираната состојба. та/нд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Локализиран е пожарот кај Пехчево

Димитриевски: ЗНАМ е еднаков партнер во власта, од ВРЕДИ грешат ако сметаат дека со овие гестови ќе иницираат дестабилизација на Владата

Влада: Формирано координативно тело за унапредување на високото образование, нова зграда на Драмски театар, план за капитални инвестиции во општините