Утрински Весник
Македонија

Пораки од Алтернатива, Беса и ДПА за ратификацијата на Протоколот за НАТО

Пораки од Алтернатива, Беса и ДПА за ратификацијата на Протоколот за НАТО

Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) –  Со НАТО почнува нова историја за нас и треба да го искористиме овој историски момент за нашата земја. Покрај надворешна стабилност, во иднина да изградиме многу посилни врски на кохезија внатре, за да може да ги жнееме благодатите од овој компромис, рече лидерот на Алтернатива Африм Гаши во Собранието.

Нагласи дека сите заедници во земјава застанале пред историскиот предизвик – „дали ќе го голтнеме горкиот компромис или ќе останеме на нашите ригидни позиции“.

-Кога сме кај горкиот компромис, мора да бидам праведен и да истакнам дека оваа кнедла најтешка беше за голтање за нашите сограѓани од македонска етничка припадност… Ние како втора најголема заедница во земјата ќе продолжиме да имаме емпатија за нашите сограѓани Македонци во функција на негување на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет, истакна Гаши.

Порача дека е време сите граѓани да почнат да ја чувствуваат државата подеднакво, а и државата, како што рече, да ги третира еднакво сите етнички заедници, сите да бидат рамноправни и да реагираат и да се заложат едни за други секогаш кога ќе бидат обесправени.

Фадил Зендели од Движењето Беса  истакна дека денешниот ден е посебен за сите граѓани во земјава и дека процесот на интеграција во НАТО бил мисија и предизвик на сите политички сили.

Официјалното членство во НАТО значи почеток на реформирање на безбедносниот сектор и одбраната, со цел заемно постапување со Алијансата, но дека не треба да се заборави на, како што рече, длабоките институционални реформи – економски, социјални и особено во правниот систем.

– Борбата против корупцијата и криминалот треба да биде бескомпромисна и тие треба да се осудат, особено кога се работи за политичари од висок профил. Неказнувањето и изнаоѓањето алиби не треба да биде алтернатива за една членка на НАТО и претендент за ЕУ, нагласи Зендели.

Лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА) Мендух Тачи истакна дека сите придонеле на патот кон НАТО, но дека главниот придонес го дал поранешниот премиер Зоран Заев кој, како што рече, „упорно и смело го туркаше процесот напред“.

Порача дека Албанците не го оспоруваат идентитетот на Македонците, но дека по денешниот чин треба да се менува и поимот за Албанците кој, според него, е потценувачки.

-Мислам дека има многу што да направиме. Апелирам до нашите сограѓани Македонци, коишто се свесни дека ние, Албанците, особено релевантните политички сили на Албанците, никогаш не го оспорувале идентитетот и јазикот на Македонците, апелирам по овој многу значаен историски акт да се осмелат заедно да чекориме напред и да го менуваме поимот за Албанците кој, според мене, е потценувачки. Овој поим ќе мора да се менува во нормативните акти. Албанскиот народ и албанскиот јазик, рече Тачи во Собранието. хс/ац/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Ден на Академијата и доделување на признанието „Блаже Конески“ во МАНУ

Сончево со мала до умерена локална облачност, претпладне магла по одделни котлини

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење