Утрински Весник
Македонија

Поради несослушани сведоци, одбиени докази и толкувани снимки, Миланов смета дека Јанакиески е жртва во „Насилство во Центар“

Поради несослушани сведоци, одбиени докази и толкувани снимки, Миланов смета дека Јанакиески е жртва во „Насилство во Центар“

Ако се суди според казнената политиката не би требало да има ништо повеќе од условни казни, а Миле Јанакиески е од старт жртва во тој предмет, бидејќи нема ништо што укажува на него, вели адвокатот Еленко Миланов за „Maкфакс“, пред завршните зборови на обвинетите и Обвинителството во предметот „Насилство во Центар“.

Адвокатот Миланов, кој е бранител на Јанакиески, тврди дека за многу поголеми немири и насилства во земјава како што беа протестите во 2013 година кога беше запален и автобус на ЈСП или кршењето на државен имот од шарената револуција биле досудени условни или ослободителни казни, а, пак, во однос на доказите, потенцира дека снимката од нелегалното прислушување повеќе била толкувана, наместо реално презентирана.

„Звучноста на Миле Јанакиески, покрај другиот за кого што има одлука за амнестија, е да се држи тензија во предметот. Миле е од старт жртва во оваа постапка. Политичката пресија, ситуацијата и сето ова што се случува, би го нарекол духот на СЈО, и она што претставуваше тоа обвинителство како некој што докажува нешто за одредена група луѓе, виси како можност да се донесат ефективни казни. Според казнена и редовна судска постапка не би требало да има ништо повеќе од условни казни во предметот. Но, моментот за политички реваншизам на некакво покажување на моќ и сила може да доведе до поинаква одлука. Не исклучувам ниту една можност, затоа што ако зборуваме за реални услови и докази, поголемиот дел од обвинетите треба да добијат ослободителна, а не воопшто да зборуваме за вид и висина на казна. Но, во нашето судство никогаш не можеш да имаш сигурност или да зборуваш каква би била реакцијата и во без малку идентични ситуации. Се надевам и бил пресреќен доколку судот почне да гледа докази и да одлучува според нив, односно да се ослободи од каква било пресија“, вели адвокатот Миланов за предметот „Насилство во Центар“.

Исфрлањето докази предложени од обвинетите, одбивањето да се сослушаат предложени сведоци како Агатангел, кој претходно бил споменат дека имал повик за таков протест, а со тоа и брзањето да се донесе пресудата создава сомнеж кај адвокатот Миланов, кој не разбира што е проблемот ако се дозволи сослушувањето на сведокот: „Ако тој повикал ќе каже, ако не, тој исто ќе каже“. Тој додава дека и на снимката која судот не ја пушта се слуша дека денот кога наводно се организирале протестите Јанакиески бил во Србија со поголем дел од тогашната Влада.

„Има премногу толкување на снимката од нелегалното прислушување. Во таа снимка има идеја за нешто што никогаш не се случило. Таму во ниту еден момент нема одобрување или потврдување на  што било, дури и на таква идеја. Ниту во насока дали е прекршок или кривично дело, ниту во насока дали треба или може да се случи од Миле Јанакиески. Нема никаква потврда, ни ‘да’, ни ‘во ред’. Во таа снимка има идеја за нешто што никогаш не се случило. Третата снимка не сакаат да ја пуштат, а во неа се слуша дека Јанакиески не е тука кога наводно треба да се организира и одржи состанокот, за да се случи такво нешто. Тој ден, 3.6.2011 има заедничка влада во Белград каде што присуствува Јанакиески со поголем дел од Владата“, додава адвокатот Еленко Миланов.

Досега Јанакиески не бил споменат како организатор од ниту еден сведок, освен што осудениот Томислав Лазаров рече дека можеби комуницирал со ексминистерот во насока на тоа што се случува, но тоа го нема во прислушуваните материјали, вели Миланов и прашува: „Ако е тоа така, ако Миле е оштетен во предметот ‘Таргет-Тврдина’ бидејќи 90 посто од пораките и снимките се од него, како може ниту една да нема од овие што ги кажува Томислав Лазаров?“.

„ Се надевам дека судот има доблест да донесе правна и правилно издржана пресуда“, вели Миланов.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Кузмановска: Ракот не погодува само еден – туку целото семејство

Седумнаесетта „Недела на јапонски филм“ во Скопје и Битола

НЕДЕЛНА АНАЛИЗА НА ВРЕМЕТО: До четврток стабилно, суво и претежно сончево, од петок 29 Ноември, нов влажен бран во Македонија!