Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, тврди дека постои значителна шанса дека високи руски функционери нарачале труење на Алексеј Навални.
„Постои значителна шанса ова навистина да дојде од високи руски функционери“, се наведува во преписот на Стејт департментот дека Помпео изјавил за една радиостаница.
Помпео рече дека САД проценуваат како да одговорат на тоа, пренесува „Ројтерс“.
„Ќе се погрижиме да го завршиме нашиот дел од работата за да сториме сè што можеме за да го намалиме ризикот да се повтори вакво нешто“, рече Помпео.
Навални, кој е во болница во Берлин, бил префрлен со авион во Германија, откако минатиот месец се разболел на лет во Русија.
Германија тврди дека тој бил отруен со нервен агенс новичок и дека целта е неговото убиство, додека Русија наведува дека нема докази дека Навални бил отруен.
„Мислам дека светот созреа и се согласува дека нормалните земји не функционираат вака, и ова ќе се покаже скапо за Русите“, предупреди Помпео.