Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, изјави дека Соединетите Американски Држави го поддржуваат принципот на слободни и фер избори и дека овој принцип не се почитувал во Белорусија.
Помпео рече дека Вашингтон ги поддржува меѓународните напори за независно испитување на изборните нерегуларности во Белорусија, пренесува „Ројтерс“.
„САД го поддржуваат принципот на слободни и фер избори што ја рефлектираат волјата на народот во Белорусија. Овој принцип не беше почитуван на изборите на 9 август. Ние ги поддржуваме меѓународните напори за независно испитување на изборните нерегуларности во Белорусија, кршењето на човековите права во врска со изборите и пресметките што следуваа“, рече Мајк Помпео.
Тој посочи дека остро го осудува насилството врз демонстрантите, како и нивното апсење.
Помпео исто така побара тие што биле неправедно приведени веднаш да бидат ослободени и да се утврди судбината на исчезнатите.
Брисел, исто така, оцени дека Европската Унија не ги признава резултатите од претседателските избори во Белорусија и оти наскоро ќе воведе санкции за оние кои се вклучени во изборни измами и сузбивање на протестите.