Утрински Весник
Свет

Помпео го посети Голанскиот регион во Сирија

Помпео го посети Голанскиот регион во Сирија

Мајк Помпео го посети Голан, што е прва посета на државен секретар на САД на таа сириска територија под израелска окупација, предупредувајќи дека би било „опасно“ за еврејската држава доколку таа стратешка област остане под сириска контрола.

„ Замислете колку би било опасно за Западот и за Израел доколку таа територија биде под контрола на Асад“, рече Помпео во Голан.

Соединетите држави под претседателство на Доналд Трамп се единствената земја што го признала израелскиот суверенитет на таа висорамнина што беше одземена од Сирија во Шестдневната војна во 1967 година.

„Ова е дел од Израел, важен дел од Израел“, додаде Помпео, кој разговараше таму со израелскиот колега Габи Ашкенази.

„Како поранешен директор на ЦИА, тој ги знае фактите, но сакаше да дојде тука за да се увери и да слушне извештај од воените команданти“, рече Ашкенази.

Денес на Голанската висорамнина живеат околу 25.000 доселеници заедно со околу 23.000 Друзи кои главно се чувствуваат Сиријци, но имаат постојан престој во Израел.

Оваа територија, северно од Галилејското Море, е стратешки важна поради нејзиниот извор на вода.

Израел посочува дека милициите блиски до Иран, ја користеле сириската војна за да се консолидираат на територијата на Сирија.

Израел изврши стотици воздушни и ракетни напади врз Сирија од почетокот на војната во 2011 година, насочени кон иранските сили и борците на Хезболах кои му помагаат на сирискиот режим во војната и силите на сириската влада.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници