Утрински Весник
Македонија

Помалку од 40 отсто од возачите користат сигурносен појас, РСБСП почна кампања под мотото „Стави појас“

Помалку од 40 отсто од возачите користат сигурносен појас, РСБСП почна кампања под мотото „Стави појас“

Скопје, 11 февруари 2020 (МИА) – „Стави појас“ е мотото под кое Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ја започна кампањата за безбедност во сообраќајот.

Во првата и почетна фаза, како што соопшти РСБСП, кампањата опфати повеќе едукативни активности преку електронските и социјалните медиуми. Во втора фаза кампањата ќе опфати повеќе теренски активности како организација на едукативни предавања за учениците и студентите, засилени контроли од сообраќајната полиција, едукативни настани на повеќе јавни места и едукативни акции за дистрибуција на сообраќајно едукативни материјали.

– Користењето на појасите е законска обврска како за возачите така и за патниците на предните и задните седишта. Возачите и патниците мора да сфатат дека користењето на сигурносниот појас е наменето пред се за нивна лична безбедност и тоа е суштинско за тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Законот предвидува казни за возачите и патниците кои не користат појаси, но нема поголема казна од последиците од сообраќајните незгоди во кои учесниците не користеле појас, потенцираат од РСБСП во соопштението.

Оттаму соопштуваат дека истражувањата и проценките покажуваат дека помалку од 40 отсто од возачите користат сигурносен појас.

– Тој процент е уште помал кога станува збор за сопатници на предното седиште кои користат појас. Бројот на патници на задното седиште кои користат појас е приближно еднаков на нула. За споредба, стапката на користење сигурносен појас на предните седишта во земјите од Европската Унија е околу 90 проценти, а на задните седишта од 60 отсто до 70 проценти и ЕУ ова го смета за „сериозен проблем“, стои во соопштението.

Истражувањата покажуваат и дека во помалите градови помалку се користи појас во споредба со Скопје и оти кога возачите и патниците патуваат на пократко растојание во населено место помалку користат појас во споредба со патувањата кои се реализираат на подолга дестинација, надвор од населено место. Ваквата состојба, велат од Републичкиот совет, мора да се промени.

Педесет проценти од возачите кои животот го загубиле на патиштата, загинале поради тоа што не користеле појас, односно истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека сигурносниот појас го намалуваа ризикот од фатални последици при сообраќајна незгода за 50 посто.

– Многу нешта денес би биле различни, многу луѓе би биле посреќни, многу семејства нема да беа завиткани во црно, доколку нивните блиски ја почитуваа законската обврска за користење на сигурносен појас. За жал многу касно, најчесто после сообраќајна незгода со фатални последици се прашуваме: „ Брзо ли возел?“, Бил ли под дејство на алкохол? “ Врзан ли бил со појас?“ Затоа, размислете на време, користете појас! Секогаш и секаде, дури и на најкратките патувања ставете појас, за ваша безбедност – потенцира претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.

Кампањата ќе биде поддржана од повеќе јавни личности и од општествено одговорни компании. Посебно важна е поддршката од РК „Вардар“ и РК „Еурофарм Пелистер“ и согласно тоа во наредниот период ќе бидат реализирани повеќе превентивно едукативни активности и изненадувања за поддржувачите на ракометот и тоа: освежувач за автомобил со боите на клубот за секој посетител на натпреварите, превентивни акции и билети за возачите кои користат појаси, опрема, маици и други реквизити за оние кои во рамките на акцијата ќе биде потврдено дека користат појас кога возат или патуваат. мс/дма/

 

 

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!