Скопје, 26 мај 2020 (МИА) – Од утре, 27 мај, претстанува важењето на полициксиот час т.е. одлуката за забрана за движење која Владата ја воведе на 22 март, соопшти премиерот Оливер Спасовски вечерва на прес-конференција презентирајќи ги усвоените одлуки на седницата попладнево кои се, како што рече, врз основа на исполнети услови и од анализи и препораки на Комисијата за заразни болести.
Од задутре, четврток, 28 мај, ќе почнат да работат угостителските објекти со прецизно утврден соодветен протокол за работа во отворените делови т.е. терасите. За работата во затворените објекти и тие што немаат тераси ќе се регулира во наредна фаза
Од 1 јуни 2020 ќе престанат да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи од редовно и тековно извршување на тековните активности, како што се упатување за работа од дома, патување за работа кон Скопје, организирање на работниот процес со ротации и други слични мерки и препораки. Таа одлука ќе биде придружена со соодветен протокол за работа – за просторни услови, физичко растојание, носење лична заштита итн.
-Ова нема да важи за хронично болните, а отстапка од оваа одлука ќе има и за родители на деца до 10 години или деца од предшколска возраст за кои ќе се чека одлука за почнување на работа на градинките, рече Спасовски.
Нагласи дека одлуките се донесени врз основа на стручно мислење и од две, како што рече суштински причини – состојбата е под контрола и бројот на активни случаи е стабилен. Зголемувањето на број на дијагностицирани во изминатите денови, рече, се должи на непочитување на рестриктивните мерки од претходната фаза и се познати кластерите. Втората причина за овие одлуки, нагласи премиерот, се должи на високото стручно и професионално ниво и подготвеност и, како што рече, ни дава за право дека здравствениот систем е поставен така да може да успешно да одговори на предизвиците. Во нареден период нагласено ќе биде вниманието на актуелните жаришта.
Притоа Спасовски потенцираше дека треба да продолжиме да бидеме свесни дека се уште може да се заразиме.
-Вирусот е тука и нема да исчезне преку ноќ. Ќе биде тука додека не се стекне имунитет и додека да се најде вакцина, рече Спасовски, додавајќи дека затоа е исклучително важна заштитата – физичката дистанца и носење заштитна опрема. хс/лв/