Коронавирусот не успеа да ги порази убавите моменти на кои се израдувавме сите во 2020 година, а се однесуваа на културата и спортот.
Се потсетуваме на успехот на филмот „Медена земја“ и историскиот пласман на македонската фудбалска репрезентација кои ги исцртаа позитивните мигови од годината во заминување.
Македонскиот филм „Медена земја“ со две номинации за Оскар
Прекрасна вест одекна на почетокот на годината кога македонскиот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов напиша историја со две номинации за Оскар за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за Оскар. Главната протагонистка во филмот, Атиџе Муратова ги освои македонските срца, а кинематограферите Фејми Даут и Самир Љума успеаја да ја освојат една од најпрестижните кинематографски награди, American Society of Cinematography. „Медена земја“ во текот на целата година беше во фокусот на јавноста.
Историски пласман на македонската фудбалска репрезентација
Со голот во 56. минута и конечен резултат од 1:0, Горан Пандев, на почетокот на минатиот месец, и донесе пласман на Европското првенство на македонската фудбалска репрезентација.
Пласманот се прослави во Скопје со развиорени знамиња и свирежи од автомобилите. Дел од граѓаните ја прославија победата на Македонија со факели и песна низ улиците.
Европското првенство ќе се игра од 12 јуни до 12 јули следната година.