Тетово, 30 јуни 2020 (МИА) – Во тетовското село Волковија во непосредна близина на новиот Казнено-поправен дом вчера попладне со интервенција на тетовската Територијална противпожарна единица бил локализиран пожар на поголема површина со сува трева.
Од СВР – Тетово соопштија дека нема повредени луѓе, но предупредуваат дека со настапувањето на сегашните, значително повисоки температури во споредба пред само една недела, во голема мерка се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари и во Полошкиот регион.
– Ова, дотолку повеќе што на подрачјето има забележително бујна вегетација и поради тоа неопходна е максимална будност и одговорно однесување на секој поединец. Секторот за внатрешни работи – Тетово апелира до граѓаните да бидат постојано внимателни ако се движат или работат во полето и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња и опушоци, истакна Марјан Јосифоски, портпарол на СВР – Тетово.
Од полицијата укажуваат и за оние кои за викендите ќе престојуваат на излетничките места во регионот да се воздржат од палење огнови, кои неизгаснати брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од поголеми размери.
– Им се советува, исто така, на отворен простор да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да причинат пожар.Зашто, во спротивно, ако случајно или намерно предизвикаат пожар, ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави, кои во крајна истанца предвидуваат и затворски казни од шест месеци до осум години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици, потенцираат од СВР Тетово.
Секторот за внатрешни работи – Тетово презема координирани превентивни и други мерки, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а ќе бидат засилени и планираните контролни активности на поширокото подрачје.ас/фф/