Скопје, 23 јуни 2020 (МИА) – Претседателите на подмладоците на 33 политички партии денеска потпишаа Декларација за фер, слободни и демократски избори, со што ја покажуваат својата заложба за спроведување слободни, фер и демократски избори и достоинствена и фер предизборна кампања, а воедно и својата решителност да се борат против говорот на омраза и да промовираат намалување и отстранување на говорот на омраза во општеството.
-Младите за разлика од сениорите успеаја досега низ годините да изградат здрав и квалитетен политички дијалог и тоа го кажувам со цела одговорност. Ние од почетокот на програмата „Политички дијалог меѓу младите политичари“ сме имале најразлични активности во кој тие биле рамо до рамо со повозрасните во иницијативи и начини на решавања на проблеми кои не сме ги виделе. Затоа младите се тие кои ни дваат надеж дека следат подобри времиња на политичката сцена во Македонија, рече Билјана Јанева, извршен директор на Институтот ОХРИД, кој е организатор на потпишувањето на декларацијата.
Таа истакна дека овој процес ќе биде поинаков од сите досегашни поради ситуацијата со коронавирусот и оти можеби ќе биде полн со непознаници, но сепак заедно со политичките подмладоци апелираа младите масовно да учествуваат во него, секако со запазување на сите протоколи за заштита.
Чинот на потпишување на Декларацијата е традиционален настан кој се одржува пред секои избори. Декларацијата за фер, слободни и демократски избори за прв пат беше потпишана во 2014 година.
Потпишувањето на оваа Декларација треба да пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја, капацитет и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво.
Институтот ОХРИД ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки. сст/са/