Утрински Весник
Македонија

Поддршката на надарените и талентираните ученици е важен услов за напредок на државата, вели министерот за образование

Поддршката на надарените и талентираните ученици е важен услов за напредок на државата, вели министерот за образование

Вистина е дека сé може да се одложи, ама грижата за талентот не може. Кога велам грижа, мислам и на онаа институционалната, но секако мислам и на онаа од семејството, од поширокото опкружување и општеството, а најважна е личната волја за надградба, самодовербата и истрајноста на надареното или талентираното дете. Затоа што, верувам дека сите ние сме биле сведоци на ситуации во кои луѓето кои ги поседуваат, ги игнорираат своите таленти и наместо насочување кон тоа што најдобро го знаат, одбираат да се фокусираат на нешто сосема друго.

Ова го кажа министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешниот вебинар посветен на грижата кон надарените и талентираните деца, организиран од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на кој учествуваа повеќе претставници на академската и научната фела и експерти во областа на образованието.

Шаќири рече дека државата има механизам со кој ги поддржува талентираните ученици, но и дека постои простор за надополнување со нови мерки со цел грижата кон овие деца да биде покомплетна и поефективна.

Посочи на можноста за талентираните ученици да прескокнат најмногу до две одделенија за време на нивното образование, како и за можностите за организирање на дополнителна групна или индивидуална настава со посебна програма која ја изготвува советот на наставници. Информираше и дека талентираните ученици добиваат разни форми на финансиска поддршка.

„Ќе потсетам дека секоја година доделуваме стипендии за талентирани ученици по природни науки, талентирани ученици во области на уметноста и за талентирани спортисти од средните училишта. Оние кои ќе освојат прво место на државен натпревар, прво второ или трето место на меѓународен натпревар по математика, информатика и природни науки, или на некоја од меѓународните научни олимпијади исто така добиваат соодветни парични награди, а воедно се поддржува и нивното учество со покривање на трошоците за котизација и патување“, рече Шаќири.

Потсети и дека од учебната 2020/2021 година отворена е Математичко – информатичка гимназија во Скопје како специјализирано училиште каде по посебни програми се образуваат талентирани ученици од областа на математиката, физиката и информатиката, како и дека Фондот за иновации заедно со УНИЦЕФ креираат програми кои ги вклучуваат талентираните ученици и обезбедуваат поддршка кои ги поттикнуваат да ја развиваат својата креативност.

„Кога говорам за развој на креативноста, сакам да информирам дека како министерство и Влада правиме и системска реформа на основното образование, каде со нови наставни програми, нови учебници и целосно нов пристап на наставниците во наставата го поттикнуваме креативниот потенцијал на учениците. Дополнително, со воведување на повеќе изборни предмети во основните училишта се дава шанса секој да го одбере тоа што му е предмет на интерес, а не нешто кое би му се наметнало. Така се овозможува рана идентификација на афинитети, предиспозиции и талент за одредена работа или во одредена област. Така и навремено започнува следењето на детето и се дава потребната поддршка за да напредува“, додаде Шаќири.

Министерот се заблагодари на организаторите за идејата за овој вебинар, истакнувајќи дека потребни се уште повеќе вакви активности за како што рече, да ја подигнеме свеста за надарените и талентираните деца и заеднички да го надополниме и унапредиме механизмот за нивно идентификување и континуирана поддршка.

Можете да прочитате

Од понеделник времен режим на сообраќај на патот Градско – Дреново поради изградба на клучката Дреново

Честитка на министерот Минчев по повод Денот на Републиката

Мицкоски: Илинден нè обединува околу идејата за држава што ги надминува поделбите