Утрински Весник
Македонија

Повик на ФИТР и УНДП за дигитализација на општините за подобрување на јавните услуги

Повик на ФИТР и УНДП за дигитализација на општините за подобрување на јавните услуги

Од денеска, па до 15 ноември ќе трае јавниот повик на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и УНДП (Програма за развој на ОН) за дигитализација на општините, чија цел се развој на дигитални алатки и решенија за подобри и поквалитетни услуги. УНДП ги обезбедува средствата во висина од 4 милиони денари, а спроведувањето е на Фондот, соопштија од ФИТР.

„Дигитализацијата на општините ќе придонесе за зголемена транспарантност во работењето и за намалување на корупцијата во јавниот сектор. Ова е одлична можност домашните компании целосно да се вклучат во активности за подобрување на функционирањето на јавниот сектор“, изјави директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Тој додаде дека се очекува решенијата да бидат изготвени и имплементирани до крајот на годинава, а тие ќе бидат бесплатно достапни и за останатите општини кои ќе изразат подготвеност и желба.

Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан, изјави дека со иновациската моќ на приватниот сектор ќе се развијат дигитални алатки кои, не само што ќе им помогнат на општините да продолжат ефикасно да работат во услови на пандемијата, туку ќе ги направат јавните услуги попристапни и отпорни на идни кризи.

УНДП веќе ја поддржува дигитализацијата на дејностите на локалните власти на неколку начини, за 13 општини е обезбедена опрема за пренос во живо на седниците, развиена е онлајн платформа за учење за општинските работници да можат да следат обуки и да споделуваат информации со колеги од други општини.

„Со овој јавен повик се надеваме дека ќе ги достигнеме и надминеме минатите успеси,“ изјави Сахакиан.

Повикот е отворен за сите домашни компании, а апликантите треба да развијат Е-платформа која ќе ги интегрира решенија за електронски систем за наплата на давачките кон општината, потоа систем за електронско плаќање на сметки кон јавните претпријатија, електронски систем на волонтери и онлајн платформа за општински форум.

Избраните дигитални алатки во оваа прва фаза ќе се имплементираат во 5 пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово, селектирани преку УНДП, за поддршка на државата во справување со ефектите од ковид-19, како и спроведување на брза и сеопфатна социо-економска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можности за побрзо опоравување на локално ниво.

Преку ФИТР се обезбедуваат 100 отсто од вкупните средства за овој проектот, во износ од 75.000 долари, со вклучени трошоци за надзор во износ од 10 отсто од вкупниот оперативен буџет. Е-Платформата треба да биде изработена за максимум 30 дена, а еден апликант треба да даде понуда за сите четири решенија што треба да бидат спроведени во петте пилот општини. Степенот на технолошкиот напредок и степен на дигитализација, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание се главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Штип остана без струја – наставата во училиштата е прекината

Неработни денови за 2025 година

СДСМ во среда избира нови секретари и потпретседатели: Ќе има ли изненадувања?