Повеќе од 350 доктори и здравствени работници во Индонезија се заразиле со Ковид-19, а десетици биле хоспитализирани. Сите имале примено вакцина на кинеската компанија „Синовак“, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на изјави на официјални лица, кои изразиле загриженост за тоа дека некои вакцини не се доволно ефикасни против позаразните видови на коронавирусот.
„Повеќето здравствени работници биле асимптоматски и се во самоизолација“, изјави Бадау Исмојо, шеф на здравствената канцеларија во областа Кудус во централна Јава. Тој рекол дека десетици се хоспитализирани со треска и ниско ниво на сатурација во крвта.
Областа Кудус, во која има 5.000 здравствени работници, се бори со зголемен број на заболени со индискиот вид на коронавирус за кој се верува дека е позаразен и поради кој бројот на хоспитализации е зголемен за над 90 проценти.
„Податоците покажуваат дека заразените во Кудус го имаат делта сојот на Ковид-19. Мнозинството здравствени работници во Индонезија примија вакцина на ‘Синовак’, а ние сè уште не знаеме колку таа вакцина е ефикасна против сојот делта“, изјави Дики Будиман, епидемиолог од Австралискиот универзитет Грифит.
Портпаролот на „Синовак“ не беше достапен за коментар за ефикасноста на вакцината против поновите соеви на вирусот, пишува „Ројтерс“.
Светската здравствена организација (СЗО) ја одобри вакцината на „Синовак“ за итна употреба на почетокот на месецов.