Пехчево, 16 март 2020 (МИА) – Општина Пехчево се приклучи на иницијативата за формирање мобилни тимови за помош на стари и изнемоштени лица за време на светската пандемија од коронавирус. За таа цел, како што информираа надлежните, за да не се изложуваат на непотребен ризик, старите и изнемоштени лица за набавка на лекарства и прехранбени производи може да ги контактира тимовите кои се формиарни за таа намена.
– Следејќи ги препораките од Владата, а со цел како одговорна Општина да се излезе во пресрет на граѓаните на кои им е потребна помош во услови на актуелната состојба со вирусот Ковид-19, Општина Пехчево се приклучи на иницијативата за формирање мобилни тимови за помош на сите стари и изнемоштени лица за време на пандемијата од коронавирус. За таа цел ги информираме граѓаните дека од денеска, понеделник, секој граѓанин од наведените категории, кој има потреба од набавка на лекарства, прехранбени производи и средства за хигиена, со цел да не се изложуваат на дополнителен ризик од инфицирање со коронавирус, ќе може телефонски да ги контактираат тимовите, секој работен ден од 8 до 18 часот на телефонскиот број 078 447 300, информираа надлежните.
Во периодот од 7:30 часот до 15:30 часот, како што додадоа, на располагање е и телефонскиот број на Општината 033 441 321.
– Согласно препораките од Министерството за здравство, Општината воведе рестриктивни мерки, во смисла укинување на приемните денови, задолжителна дезинфекција на просториите на Општина Пехчево, а ќе се изврши и дезинфекција на училиштето и градинката во текот на оваа недела, информираат од Општината.
Надлежните апелираа да се почитуваат препораките од Министерството за здравство со тоа што за своја заштита граѓаните ќе останат дома. На сите лица кои биле надвор од територијата на Република Северна Македонија и на граѓаните кои се сомневаат дека имаат симптоми на коронавирус, им се препорачува да се јават на броеви – Ало докторе 02 15 123, Центар за јавно здравје Кочани 071 373 913. вс/мс/