Скопје, 7 април 2020 (МИА) – Пет пациенти заболени од коронавирусот починаа, четворица од нив на Инфективната клиника во Скопје – еден од Куманово, пациентка од Лабуништа, од Челопек, една пациентка од Штип и уште еден починат во Куманово.
Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во Владата.
– На Инфективната клиника во изминатите 24 часа се примени четворица пациенти, моментално се хоспитализирани вкупно 67 од кои шест се на механичка вентилација, 12 се со потешка клиничка слика, за жал има влошување на состојбата и на родилката од Куманово, таа се уште е респираторно самостојна, меѓутоа значајно полоша клиничка слика и радиографски наод на белите дробови, интензивно се прати нејзината состојба. Во градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се 19 пациенти од кои тројца се на респираторна машина, а девет со потешка клиникчка слика, информира Филипче.
Вчера, како што соопшти тој, во клиничката болница во Битола пристигнале сите пациенти од болницата во Охрид.
– Сега таму ќе се лекуваат како центар кој е регионален за третман на сите пацинети од овој регион имајќи ја предвид добрата инфраструктура, физички одделеното одделение за инфективни болести од зградата на болницата и доволниот број на инфектолози и анестезиолози доколку затреба поддршка во смисла на интубација и респираторна машина, посочи Филипче.
Додаде дека во Штип се хоспитализирани четворица пациети – еден со средно-тешка клиничка слика и тројца со лесна клиничка слика.
– Во Скопје на Клиниката за дигестивна хирургија еден од среднотехничкиот персонал практично кажал дека има заболени во семејството, се уште непотврдени за коронавирусот. Во текот на утрешниот ден ќе се тестираат сите луѓе кои во изминативе два-три дена биле со него на работно место, се во автоизолација ставени и согласно резултатот од брисевите на вработениот и членовите на неговото семејство ќе се постапи понатаму со неговите колеги на работа, информира Филипче.
Тој соопшти дека денеска оствариле посета во болницата во Куманово со државниот секретар, претставници на Интитутот за јавно здравје и Министерството за здравство.
– Со оглед на тоа што кај 18 вработени веќе е дијагностициран вирусот Ковид-19 направена е реорганизација на работата. Најмногу е афектирано инфективното одделение. Тоа го дискутиравме и во текот на изминатиот период и затоа има доктор од Штип и Скопје кои ја водат работата на инфеткивното одделение. Од вкупно 700 вработени покрај овие луѓе кои се дијагностицирани има уште 80 кои се во самоизолација и за кои ќе се направи тестирање согласно периодот на инкубација откако тој ќе помине, рече министерот.
Со денешните потврдени 29 нови случаи на заразени од коронавирус, вкупниот број на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава достигна 599 лица. мс/скс/