Утрински Весник
Македонија

Пет кандидати почнуваат предизборна трка за избор на градоначалник на Штип

Пет кандидати почнуваат предизборна трка за избор на градоначалник на Штип

Минатиов викенд почна предизборната кампања за предвремените локални избори за избор на градоначалник во Штип и во Пласница. Во Штип во саботата со кампања стартуваа СДСМ со кандидатот за градоначалник Сашко Николов, и ИНТЕГРА, кои го имаат Симон Поликарп – Џими за свој кандидат. Двајцата кандидати започнаа со претставување на јавни собири во центарот на Штип. ИНТЕГРА и лидерот Љупчо Ристовски го претставија својот адут – познатиот и засега единствен африканец, жител на Штип, Поликарп – Џими, по потекло од Нигерија, кому ова не му е прва изборна трка. Во 2008 година на предвремените парламентални избори, Поликарп беше носител на листата на партијата ТМРО во изборната единица број 3.

Главниот збор што го користи ИНТЕГРА во кампањата е „иновативно“, со клучното предизборно ветување за изградба на универзитетски град, на простор од 10 хектари, во соработка со странски универзитети, како и геотермална зона за здравствен туризам и локални инфраструктурни проекти.

ТМРО, пак, своето прво предизборно претставување ќе го има денеска на пладне пред споменикот на Александар Македонски, каде ќе го претстави својот кандидат за градоначалник, Лазар Нанев, вработен во осигурителна компанија, кој е попознат како музичар.

Изминатите два дена од викендот СДСМ ги искористи за претставување на програмата на нивниот кандидат, актуелниот пратеник д-р Сашко Николов, кому вчера му се придружи и генералниот секретар на партијата и владин потпретседател, Љупчо Николовски. Викендов, покрај предизборните јавни настапи, Николов учествуваше и на еколошка акција. На стартот од кампањата Николов најави поинаква кампања, со користење на социјалните медиуми и дигитални алатки. СДСМ стартуваше со директни преноси од настаните на интернет, а изминатите денови, Николов имаше сесија на прашања и одговори на социјалната мрежа Фејсбук.

Кандидатот на СДСМ најави дека Штип ќе биде прва дигитализирана општина, со употреба на дигитални алатки во комуникацијата со граѓаните, активности кон создавање на модерна инфраструктура, надминување на разликите меѓу руралните и урбаните средини, обнова на училиштата и градинките. Како централен проект Николов го најавува продолжението на работата на изградбата на браната на реката Отиња, што ја започна сега актуелниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Во трката за градоначалничкото место се уште двајца кандидати – Трајчо Митев, како независен кандидат и Гоце Николов, од коалицијата „Идинината во наши раце“ на МОРО и Демократи.

ВМРО-ДПМНЕ не понуди свој кандидат, откако претходно побара одложување на изборите поради лошата здравствена состојба со ковид-19. Иако не учествува со свој кандидат, опозициската партија е особено активна со критики насочени кон СДСМ и кандидатот за градоначалник д-р Сашко Николов. Во нивните настапи и прес конференции се изнесуваат информации за менаџирањето на кризата со ковид–19 и условите за лекување на заболените. Особено на удар е Клиничката болница и нејзиниот директор, Ален Ѓеоргијев, кадар на СДСМ, кому му препишуваат одговорност за смртта на 41-годишната пациентка од Берово, која почина на 14 ноември. Како што веќе пишуваше „Мета.мк“, овој случај во изобилство се искористи во политичката конфронтација на локално ниво.

На предвремените локални избори за градоначалник во Штип на 13 декември, право на глас имаат 41.777 гласачи, од кои 39.605 се од градот Штип. Во посебниот дел од избирачкиот список се наоѓаат и 2.101 гласач кои се на работа или на времен престој во странство.

Државната изборна комисија изминатиот петок го заклучи Избричкиот список. Формирани се и пет посебни медицински тимови кои ќе ги посетат болните од ковид и луѓето што се во изолација.

Штип ќе ги има најспецифичните избори досега, во услови кога има 537 активни случаи на заболени од ковид -19.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку Меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура

Лимани: Непријавувањето на насилството од страна на жртвите е еден од најсериозните проблеми

Учество на Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог” во Рим