Дали Бојан Маричиќ е вториот министер во владата на Заев кој нема НАТО сертификат, запраша денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој нагласи дека по еден ден и натаму не се јавува министерот во владата на Заев, кој покрај Спасовски нема НАТО сертификат.
„Дали првиот човек на правда е недоверлив според стандардите на НАТО? Покрај Оливер Спасовски, кој сам призна дека нема НАТО сертификат, Маричиќ би бил вториот министер во владата на Заев без сертификат, и тој како и Спасовски, води ресор од исклучителна важност за безбедноста на државата“, посочи Петрушевски кој јавно запраша и дали доколку Маричиќ не е безбеден за НАТО, е безбеден за Македонија.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ спомена и неколку случаи од ресорот на Маричиќ.
„Му се случија ШИК Јелак и Еуростандард банка, криминали од 400 милиони евра, разрешница нема. Бојан Маричиќ е министер за правда, а разрешница за аферата ‘Рекет’, нема. Mу се случуваат наместени пресуди како таа за случајот кај ‘Млечен’, па потоа мораше сензационално да соопштува пресуди на апелација, во сред емисија, уште пред да бидат јавно соопштени, само за да се извади пред јавноста и да создаде слика, дека и тој влијаел на таквата казна“, кажа Петрушевски.